Нафтениот тајкун Јахоски од ДУИ, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“, објави Макфакс.

Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари, бидејќи Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.


Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

 

Повеќе информации прочитајте на МАКФАКС