Играчите на лотарија во САД во сабота ќе имаат две можности за освојување на главните добивки на лотариите Powerball и Mega Millions, коишто откако повеќе месеци не се извлечени добитници, сега заедно изнесуваат повеќе од милијарда американски долари.
На извлекувањето на лотаријата Mega Millions во петокот навечер по локално време, играчите се надеваат на главната награда во износ од 450 милиони долари, четвртата најголема во историјата на оваа игра на среќа. Доколку, пак, евентуалниот добитник се реши за еднократна исплата на вредноста, тогаш сумата ќе изнесува 281 милион долари.
Според правилата, победникот може да ја добива сумата целосно на 29 годишни рати, или да ја подигне веднаш. Во тој случај сумата речиси е двојно помала, несметајќи ги даноците кои се разликуваат од држава до држава.
Наградата на Powerball којашто се извлекува во саботата навечер изнесува 570 милиони долари, односно 358,5 милиони доколку се исплати одеднаш, а е петтата по големината во историјата на оваа лотарија.
Збирот од овие две главни премии во историјата на американската лотарија е третата по големина.
Можноста за добивка на Powerball изнесува 1 наспроти 292 милиони. Статистичарите велат дека тоа значи дека тоа значи дека секој Американец има 25 пати поголеми шанси да стане претседател на САД отколку да ја освои главната премија на Powerball. Шансите на Mega Millions, пак се 1 наспроти 303 милиони.
Речиси никаквите шанси за главната награда, сепак, не го запреа ширењето на „лотариската треска“, и луѓето чекаат во редови за да купат лозови кои чинат два долара. Џеф Ленард, портпарол на здружението на дуќанџиите кои продаваат околу 60 отсто од лозовите и листовите за националната лотарија, признава дека „прометот секако е поголем“.
Американците минатата година на лотарија потрошиле 80,5 милијарди долари, според пресметките на Североамериканското здружение на државните и регионални лотарии.
Лотаријата Powerball се приредува во 44 сојузни држава, федералниот округ Колумбија односно дистриктот Вашингтон, на американските Девствени острови и во Порторико, додека Mega Millions се игра во истите подрачја, освен Порторико. Цената на лозот изнесува 2 долара, а вкупниот приход од нивната продажба достигнува неколку милијарди долари.
Најголемата добивка на Powerball изнесуваше 1,6 милијарди долари, а го поделија добитници од Калифорнија, Флорида и Тенеси во јануари 2016 година, додека најголемата сума освоена на Mega Millions изнесуваше 656 милиони во 2012 година Тогаш, исто така, добитни беа три лоза чии сопственици ја поделија сумата.
Фондот на овие лотарии нарасна на сегашните износи бидејќи главните добивки никој не ги освои од октомври.