Најдени белешки на мароканскиот напаѓач со алузии на ИД, Франција го слави храбриот полицаец

Во текот на истрагата за терористичкиот напад на југот од Франција иследниците пронашле белешки на 25-годишниот напаѓачот со мароканско потекло во кои се алудира на џихадистичката организација Исламска држава (ИД), а францускиот претседател Емануел Макрон порача дека загинатиот полицаец кој се замени за заложниците бил роден како јунак да ја брани татковината.

Француските медиуми обвија, повикувајќи се на сопствени извори блиски на истрагата, дека со рака пишуваните белешки се принајдени во текот на претресот на куќа во саботата. Контекстот на белешките е збунувачки, а агенцијата AFP пишува дека тие наликуваат на последна желба или тестамент.

Напаѓачот, 25-годишниот Родуан Ладкем, француски државјанин роден во Мароко, извикувал „Алаху Акбар“ (Господ е голем) и во комуникацијата со полицијата во текот на заложничката драма се претставил како „војник“ на Исламската држава, пред во петокот да започне да пука во супермаркетот „Super U“ во Требе. Застрелан е по повеќечасовната опсада на супермаркетот, а во серијата на напади уби три лица, а четвртата почина од последици на ранувањето. Според болничките податоци, вкупно ранил 16 лица, од кои две се во тешка состојба.

Арно Белтрам, полицискиот потполковник кој им подлегна на раните откако му се предаде на напаѓачот во замена за жена која Ладкем ја држеше во заложништво, го предизвика во саботата восхитувањето на цела Франција, каде што го нарекуваат„јунак“ кој се „бореше до крајот“, иако знаел дека неговиот чин можел да заврши трагично.

„Давајќи го својот живот за да ги прекине смртоносниот поход на џихадистичкиот терорист, падна како јунак“, истакна францускиот претседател Емануел Макрон во еден од многубројните говори одржани во Франција во чест на загинатиот полицаец.

За неговото семејство неговиот херојски чин е потполно разбирлив, имајќи ги предвид уверувањата на овој 44-годишен полициски офицер.

„Би рекол, мајко, само ја работам својата работа… Тоа не ме чуди од него (…) Секогаш беше таков, од малечок беше верен на татковината (…) За него одбраната на татковината беше причина за постоење. Ете, таков беше Арно, секогаш подготвен да се грижи за другите“, изјави неговата мајка во саботата утрото по веста дека им подлегнал на повредите за радиото RTL.

Набрзо откако Лакдим ги земал заложниците во супермаркетот во општината Требе, во близина на Каркасон, каде што претходно убил возач и ранил совозач, крадејќи го нивното возило од коешто пукал врз невооружени припадници на специјалните сили, Белтрам му предложил на грабнувачот да го земе во заложништво во замена за една жена. На масата го оставил отворен телефонот што на полицајците им овозможило да слушаат што се случува во супермаркетот и да тргнат во акција откако напаѓачот пукал во полицаецот.

„Замина како јунак: сигурно знаел дека всушност нема никакви изгледи, но не размислувал ниту секунда“, изјави за RTL, неговиот брат Седрик Белтрам. Полицискиот офицер тешко ранет им подлегна на повредите во саботата рано утрото станувајќи четвртата жртвата на нападот на џихадистот.

Арно Белтрам служел во Ирак, а потоа четири години работел во службата за безбедност на Елисејската палата, резиденцијата на француските претседатели.

Пред неговата касарна, жителите на Каркасон и околината во саботата и покрај дождот оставаа цвеќиња во негова чест. „Ова не се случува само во големите градови, повеќе никаде не сме сигурни“, изјавила за AFP Роселин Хазекл којашто дошла да му оддаде признание на Белтрам.