Најмалку 15 припадници на паравоената милиција на Индија загинале во средата во експлозијата предизвикана од маоистичките бунтовници во сојузната држава Махараштра.
Како што пренесува весникот The Times of India, камионот со кој се превезувале припадниците на локалната милиција налетал на импровизирана екпслозивна направа. Според информациите на весникот, инцидентот се случил во областа Гаџироли, каде што се активни маоистичките групи. Во истата област преходно во средата 150 маоистички бунтовници запалиле 36 возила и опрема за одржување патишта кои припаѓале на компанија која гради автопат во регионот.
Маоистите, чиишто различни групации во Индија често се нарекуваат наксалити, ја промовираат својат верзија на маоизмот и марксизмот-ленинизмот. Тие се активни на потконтинентот од 1960-те, а нивните вооружени групации се регистрирани во 14 од 29-те индиски сојузни држави. Наксалитите во своите соопштенија ја промовираат својата идеја да го ослободат сиромашниот селанец од „капиталистичкото угнетување“ и често ја уживаат поддршката од бедното локално население.
Нивните кампови се во густите џунгли, од каде што често вршат напади врз села, државни службеници и припадници на безбедносните сили. Пред неколку години ветија дека ќе создатат зони „ослободени од капиталистите“ во ткн „црвен коридор“ од Непал до Јужна Индија. Властите во Њу Делхи со децении маоистите ги смета за една од главните внатрешни закани.