Најмалку дваесет авганистански цивили, меѓу кои дванаесет деца, се убиени во петокот ноќта во воздушен удар на истокот од Авганистан, изјавија во саботата локалните власти.
Воздушниот напад врз локалниот талибански командант Шариф Мавиј во источната авганистанска покраина Кунар е последниот од ударите врз истакнатите лидери на бунтовничкото талибанско движење, вклучително и гувернерот во сенка на стратешки важната јужна покраина Хелманд, кој е убиен на 2-ри декември. Авганистанските сили тврдат дека во текот на месецов со поддршка на сојузниците од НАТО и од САД, убиле неколку воени команданти на талибаните.
Оваа тактика ја зголеми опасноста од смртно страдање на цивилите, а Абдул Латиф Фазли, функционер на покраинските власти, изјавил дека во нападот во петокот се убиени 12 деца и осум жени, а ранети се уште 15 лица.
Портпаролката на мисијата на НАТО, меѓутоа, негира дека имало цивилни жртви, но потврди дека имало ранети цивили. Додаде дека САД со воздушните удари помагаат во новата авганистанска воена стратегија на напади врз целата организација на талибаните, од пониско рангираните борци до командантите.
„Имаме извештаи дека во операцијата којашто ја водеа авганистанските сили, со поддршка на воздушни удари на САД, убиен се повеќе од 40 талибански борци“, изјави Дебора Ричардсон. Истакна и дека „талибаните и натаму ги користат цивилите како штит“.
Гувернерот на покраината Кунар, Абдул Сатар Мирзаквал, изјави дека во операцијата на авганистанските сили се убиени 38 припадници на талибанските сили и на Ал Каеда, меѓу кои и четворица странски државјани, а ранети се уште 12. Според него, операцијата била насочен против Шариф Мавиј, командант на талибаните за кого се верува дека одржува блиски односи со Ал Каеда.
Истакна дека во нападот страдале непознат број цивили, но не изнесува поединости за жртвите. „Знаеме дека се убиени повеќе цивили, вклучително и жени и деца, и испративме тим кој ќе ги утврди фактите“, рече Мирзаквал.
На крајот од ноември во сличен напад во кој учествуваа американските воздушни сили во југозападната покраина Хелманд, загинаа 23 цивили, повеќето жени и деца, објави на почетокот од декември мисијата на Обединетите нации во Авганистан (UNAMA).