
Најмалку 25 лица загинаа во саботата на истокот од Авганистан кога бомбаш самоубиец се разнесе во масата којашто го славела примирјето меѓу талибаните и безбедносните сили по повод завршувањето на светиот месец рамазан.
Првично никој не ја презема одговорноста за смртоносниот напад во кој се ранети уште 54 луѓе, но авганистански безбедносни извори за AFP го припишуваат на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.
Набрзо потоа новинската агенција Amaq која ги објавува активностите на џихадистичката групација објави дека нападот бил насочен кон „собир на безбедносните сили“, но не наведе како вообичаено и детали.
„Бомбаш самоубиец го активирал експлозивот кој го носел на себе меѓу насобраните припадници на безбедносните сили и цивили кои го славеле примирјето во округот Родат во источната покраина Нангахар“, изјавил за агенцијата портпаролот на покраинскиот гувернер Атула Когјани.
Нападот се случи во саботата малку пред авганистанскиот претседател Ашраф Гани да ја објави одлуката за продолжување на владиното примирје и побара од талибаните да го сторат истото. Гани минатата седмица прогласи еднострано осумдевно примирје со талибаните по повод завршувањето на рамазан. Талибаните, пак, од своја страна прогласија тридневно примирје.
Ова е прво примирје откако меѓународната коалиција предводена од САД и НАТО го соборија талибанскиот режим во октомври 2001 година, по нападите од 11-ти септември истата година за што одговорноста ја презема џихадистичката мрежа Ал Каеда на која засолниште ѝ пружаше талибанската власт во Кабул.