Најмалку 27 мртви во пукање во црква во Тексас

© AP Photo / KSAT

Најмалку 27 луѓе се убиени а уште 24 се ранети во неделата во пукање во црквата во американската сојузна држава Тексас, соопшти локалната полиција, пренесува телевизиската мрежа ABC News.

Нападот се одиграл во баптистичката црква во Сатерленд Спрингс во округот Вилсон, на 40 километри од Сан Антонио во јужниот дел од државата. Вооружен напаѓач влегол во црквата околу 11,30 часот по локално време (21,30 часот по македонско време) и отворил оган. Потоа и самиот бил убиен.

„Поединостите сѐ уште не се јасни, но засега знам она што ми го кажуваат, а тоа е дека има 27 мртви и повеќе од 20 до 25 повредени. Велат и дека напаѓачот е мртов“, изјавил полицаецот Алберт Гомез за телевизијата CBS.

Според телевизиската мрежа NBC News, комесарот на округот Вилсон изјавил дека бојот на загинатите е најмалку 24, а според друг претставник на локалните власти Ларви Вајли, пренесува Fox News, меѓу жртвите има и деца.

На местото на масакрот се присутни агенти на Федералното биро за истраги (FBI), а за транспорт на повредените се ангажирани шест хеликоптери, пренесува телевизискиот канал KSAT. Очевидците за телевизијата рекле дека во текот на пукањето во „Првата баптистичка црква“ имало најмалку 50 верници.

Претседателот Доналд Трамп, кој се наоѓа на почетокот од неговата дванаесетдневна турнеја во Азија во Јапонија, објави дека ја следи ситуацијата во Тексакс изразувајќи им сочувство на блиските и семејствата на настраданите.

„Господ нека им помогне на луѓето во Сатерленд Спрингс, државата Тексас. FBI и органите за спроведување на законот се наоѓаат на местото на настанот. Јас ја следам ситуацијата од Јапонија“, напиша Трамп на својот микроблог на Twitter.