Шумските пожари и во текот на ноќта кон петокот продолжија да уништуваат населби и плодни полиња на северот од американската сојузна држава Калифорнија, и покрај напорите на илјадници пожарникари во борбата против огромните пожари во кои досега животите ги загубија повеќе од 30 луѓе.
Официјалните претставници на локалните калифорниски власти потврдија дека бројот на потврдените жртви во шумските пожари коишто оваа седмица ја зафатија државата се искачил на 31, што ја прави најсмртоносната низа од пожари во историјата на оваа американска држава.
Притивпожарната служба предупреди во четвртокот вечерта дека дополнително може да се зголемат пожарите и штетите од нив во осумте окрузи на Калифорнија коишто се зафатени од стихијата. Само во округот Сонома, каде што се уништени цели населби, стотици луѓе уште се водат за исчезнати, односно не се знае каде се наоѓаат, и поради тоа што во пожарите се уништени предавателите за мобилната телефонија.
Пожарите се раширија низ државата позната по производстовто на квалитетно вино, оставајќи илјадници луѓе без покрив над главата и пеплосувајќи повеќе од 78.000 хектари земјиште и 3.500 домови и други градби.
Пожарникарката служба наведува дека силните ветрови со брзина од над 60 километри на час и малата влажност на воздухот ги отежнуваат нивните напори да се справат со пожарите коишто започнаа во неделата. Околу 8.000 пожарникари се справуваат со 21 жариште од четвртокот.
„Тоа значи дека пожарите ќе продолжат да горат нерамномерно. Имаат тенденција да се насочуваат кон која и да е насока во секое време. Далеку сме од крајот на оваа катастрофа“, изјави на прес-конференија шефот на поржарникарите Кем Пимлот.
Жариштето „Tubbs Fire“, меѓу окрузите Нејп и Сонома, совладан е во четвртокот ноќта само до ниво од 10 отсто, откако претвори во пепел речиси 14.000 хектари. Второто особено активно жариште „Atlas Fire” , е зауздано само до ниво од 3 отсто а веќе спали над 17.700 хектари, според податоците на противпожарната служба на Калифорнија.
Во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп прогласи состојба на катастрофа во Калифорнија, со што овозможи ослободување на сојузни средства и ресурси за борба против стихијата.
Шумските пожари се чести во западниот дел на САД во време на жешките летни месеци, но досега малку се таквите коишто предизвикале толкави материјални штети и човечки жртви.