Најмалку сто лица се повредени во сирискиот град Алепо, кој е под контрола на владините сили, во напад врз станбените населби со хлор од страна на милитантите, пренесува ноќта кон неделата пролибанската телевизија Al Mayadeen.
Според извештајот на сириската државна телевизија al-Suria, шефот на полициската управа на Алепо, генералот Исам ал-Шалии одговорноста за нападот со гранати со отровни супстанции ја насочил кон припадниците на исламистичкото движење Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда. Според него, милитантите ги истрелале проектилите врз населбите кои се во близина на линијата на судир меѓу сириската армија и терористичките групации.
Сириската службена новинска агенција SANA, повикувајќи се на извори од градската полиција, пренесува дека граните со кои била гаѓана населбата ал-Халидија биле полни со хлор. Милитантите, исто така, пукале и кон населбата аз-Захра и кон улицата Алепо.
Според последните податоци, сите настрадани се хоспитализирани. Нивната состојба, со исклучок на две тешки труења, е под контрола на медицинските лица.
Терористите чиишто џебови се во предградијата на Алепо често ја гранатираат периферијата на најголемиот сириски град кој до пред две години беше на половина под контрола на сириските владини сили и разните терористички сунитски групации. Според гувернерот Хусеин Дијаб, денешниот напад потврдува дека милитантите поседуваа хемиско оружје коешто често го користат за да исценираат божемни напади на сириската армија со ова забрането оружје за масовно уништување.
Во договорот на гранатирањето, владините сили нанеле удари врз позициите на милитантите, при што терористите претрпеле „значителни загуби“, рекол за агенцијата сириски воен извор.
Во октомври руското министерство за одбрана ги обвини западните земји за „неодговорни дејствија“ кои довеле до тоа исламистичките милитанти во Сирија да дојдат во посед на отровни супстанции, предупредувајќи дека таквата ситуација може да има несогледливи последици. Притоа руското министерство соопшти дека постојат извештаи според кој на терористите им бил доставуван хлор во разни сириски региони.
Беше известено и дека се подготвува исценирање на наводен хемиски напад во покраината Идлиб од страна на сириската армија, а коешто го подготвувале ткн „Бели шлемови“, групација којашто се декларира како спасувачи, а е поддржувана од Западот.
Министерствто за одбрана на Русија предупреди уште кон средината на август дека во регионот на Идлиб дошле и милитанти обучени за ракување со токсични супстанции под раководство на експерти од британската приватна воена компанија „Олива“. Овие терористи треба да играат улога на спасувачи на наводните жртви на напад со хемиско оружје во облеките на контроверзните „Бели шлемови“, рече портпаролот на рускиот Генералштаб, генерал-мајорот Игор Конашенков.
Во септемvри руското министерство за одбрана на прес-конференција во Москва објави дека од локални извори постојат информации дека во селото Џиср ал-Шугур, ткн „Бели шлемови“ коишто официјален Дамаск ги опишува како блиски на радикалните бунтовнички групации, снимиле 9 видеа со исцениран хемиски напад кои се подготвени за емитување на една американска водечка телевизија, како и на регионални канали на сунитските арапски земји кои ги помагаат бунтовниците. Тогаш од рускиот Центар за примирје на спротиставените страни во Сирија беше објавено дека оваа информација е добиена од цивилното население коешто се евакуира од покраината којашто е последното големо упориште на бунтовниците кои ги поддржува Западот и на џихадистите.