Поради толеранцијата кон работата на црно и сивата економија се губи повеќе од една милијарда евра приходи во државниот буџет. Товарот постојано го носат оние кои се најдисциплинирани, наместо да се натераат да плаќаат давачки оние кои тоа не го прават, велат стопанствениците.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, бара од Управата за јавни приходи, наместо списоци на должници и неплаќачи на давачки, да објавува бела листа, од која ќе може да се види кој го полни буџетот и кој се однесува домаќински и одговорно, дури и во најтурбулентните времиња. Според него, не е коректно кога недостасуваат пари во буџетот, товарот да го носат оние кои се најдисциплинирани, наместо да се натераат да плаќаат давачки оние кои тоа не го прават.
„Тоа ќе покаже кој умее да се носи со проблемите , кој е тој што плаќа. Тогаш на површина ќе излезе реалноста и нема да има простор за нерамнправност, бидејќи тие субјекти кои плаќаат ги нема никаде, не може ни да се искажат, а тие што не плаќаат тие се главни и ние ги објавуваме, а другите ги криеме, вели Азески.
Бизнис заедницата смета дека државата и натаму нема волја да се справи со сивата економија. Таа според нив е погонско гориво за корупцијата. Нивните анализи покажуваат дека поради толеранцијата кон работата на црно и сивата економија се губи повеќе од една милијарда евра приходи во државниот буџет.
„Низ бројки, ако ја земеме 2022 година, тогаш сивиот дел изнесува 4,28 милијарди евра, односно 33,2 отсто од БДП. Пресметката покажува дека тоа се 1,28 милјарди евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ кој изнесува 19 отсто, тогаш би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно“, истакна потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.
Стопанствениците велат дека е е крајно време да се најде решение за овој проблем кој ја разјадува економијата веќе 30 години. Сметаат дека постојат добри законски решенија, но тие не се применуваат.
„ И малите деца знаат. На Македонија и треба имплементација. Имплементација, имплементација, имплементација“, е пораката на претседателот на Стопанската комора кон државните органи.