Наместо менување, на регистарските таблички ќе се става налепница „НМК“

На сите регистарски таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како вертикално поставената ознака „МК“, на која е испишана националната ознака „НМК“.

Ова е новиот член на изменетиот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на регистерските и на пробните таблици на возилата, кој го подготви МВР, а на 5 јуни е објавен во Службен весник број 114. Дополнително ќе се утврди цената на чинењето на новите налепници, а неофицијално тие ќе може да се набавуваат во станиците за технички преглед во државата. Инаку, обврската за замена на сите регистерски таблички кои не ја содржат ознаката на НМК е најдоцна до 12 февруари 2024 година.

-На сите регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“, во делот пред регистрационото подрачје се става налепницата на која е испишана националната ознака „НМК“. Налепницата е изработена од рефлектирачка фолија која е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија. Формата и големината на налепницата се прикажани со слика во прилогот кој е дел од новиот Правилник – пишува во објавата.

Владата во средината на мај ја усвои Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблички, на предлог на МВР, а според министерот Оливер Спасовски, тоа значи дека „ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, кои се поврзани со бројот на регистарската табличка, а истовремено во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија“.

И граѓаните и транспортерите ја поздравија одлуката на Владата, која ќе им заштеди и време и пари. За одлуката треба да се известат ЕК и другите земји дека ова е официјална владина одлука за да нема проблеми при преминувањето на границите. Ова решение на граѓаните ќе им заштеди 1.600 денари, а на транспортерите ќе им го скуси трошокот од 5 до 10.000 евра.