Нант во финалето на ЛШ, Лазаров во историјата

Ракометарите на Нант, еден од трите француски претставници на финалниот турнир во Лигата на шампионите во Келн, успеја во саботата да го поразат со 32:28 најскапиот ракометен колектив на планетата Пари Сен Жермен и како аутсајдер стана првиот финалист во Лигата на шампионите, а Кирил Лазаров влезе во историјата како најефикасниот играч на финалните турнери.

Тимот со најмногу ѕвезди, како што се браќата Карабатиќ, Сагосен, Омејер, Хансен, Генсхајмер и многу многу други, сепак, беше надигран од Нант, кого инаку го совлада во домашното првенство.

Освен почетното водство на ПСЖ од 3:1, во текот на целиот меч подобар и поконретен беше Нант, кој на полувремето замина со предност од три разлика (17:14), а во еден наврат имаше и пет голови предност.

Во второто полувреме, и покрај тоа што ПСЖ во еден момент на финишот се доближи на гол разлика, но сепак, по несфатливите грешки на прекалените и трофејни играчи на „светците“, Нант го приведе сигурно дуелот до конечните 32:28.

Најдобар стрелец во тимот на Нант беше капитенот на македонскиота репрезентација Кирил Лазаров, кој заедно со пикерот Турна имаа по осум голови, а најзаслужен за победата беше голманот Сирил Думулан.

Лазаров постигна седум голови од осум седмерци, а од три шута од игра еднаш беше блокиран а уште еден негов шут заврши во пречката, и со тоа стана најдобриот стрелец во историјата на Ф-4 турнирите.