Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишникот од американската сојузна држава Тексас кој со својот камионте влета во масата на новогодишната ноќ во Њу Орлеанс, во Луизијана, убивајќи 15 и ранувајќи уште 30-ина други лица, отслужил 13 години во американската армија, вклучително и во борбената мисија во Авганистан.
Истражителите на Федералното биро за истраги (FBI) и локалната полиција соопштија дека Џабар не дејствувал сам и дека трагаат по неговите соработници. Според објавта на FBI, тој имал знаме на Исламската држава на камионетот и го смета инцидентот за можен терористички напад.
„Веруваме дека Џабар не дејствувал сам“, рече агентката на FBI, Алитеа Данкан на прес-конференција.
Истрагата е насочена на тоа дали осомничениот бил поврзан или инспириран од странска терористичка организација, изјавија извори од полицијата и градските власти за CBS News, огранок на британскиот радиодифузер BBC во САД.
И додека истрагата сѐ уште е во тек, сѐ уште нема информации за објаснување зошто Џабар, американски државјанин кој пораснал во Тексас, би го извршил нападот во Њу Орлеанс.
Напаѓачот е убиен на местото на настанот во размена на оган со полицијата, соопштија официјални лица.
Џабар служел во армијата од 2007 до 2015 година како специјалист за човечки ресурси и информатичка технологија, а потоа бил префрлен во резервата каде што работел како ИТ специјалист до 2020 година. Од февруари 2009 година до јануари 2010 година, тој бил распореден во Авганистан. Последниве години работел како агент за недвижнини.
FBI верува дека Џабар изнајмил камионетот „форд“ и го насочил во луѓето во популарниот Француски кварт рано утрото на новогодишната ноќ пред да излезе и да пука во полицијата. Според извештаите на медиумите, камионетот користен за терористичкиот напад бил изнајмен преку специјален онлајн ресурс за изнајмување автомобили директно од сопствениците.
Успеал да ја заобиколи заштитната ограда возејќи по тротоарот, соопшти полицијата во Њу Орлеанс, која во областа вечерта имала распоредено 300 полицајци.
Покрај тоа што на задниот браник на возилото било пронајдено знаме на Исламската држава, а внатре било пронајдено оружје и потенцијална експлозивна направа, како и други можни направи во Францускиот кварт.
Судските документи покажуваат дека Џабар се развел од сопругата, со која има дете, во 2022 година и се чини дека нема криминално досие пред нападот.