Нападнат конвој на шиитска милиција крај Багдад

Конвој од возила во кој биле припадници на шиитска ирачка опозиција бил нападнат од воздух северно од Багдад, јави ноќта кон саботата, ирачката телевизија Al Sumaria.

„Воздушниот удар беше изведен по полноќ во областа Таџи северно од Багдад врз конвој во којшто, еројатно, биле членови на (ирачката шиитска милиција) ал-Хашед ал-Шааби“, објави телевизијата повикувајќи се на сопствени извори во безбедносните служби.

Според телевизијата Sky News Arabia во предградието на ирачката престолнина бил изведен воздушен напад чија цел бил конвојот на шиитска милиција која го понесе главниот товар во копнените операции пред две години за враќање на контролата на териториите заземени од ултрарадикалната џихадистичка организација Исламска држава.

Агенцијата Reuters пренесува дека во конвојот биле команданти на доброволечката паравоена коалиција ал-Хапед ал-Шааби, која САД ја сметаат за поврзана со Иран, и оти во нападот се убиени шест лица. Се додава и дека според некои информации можеби се работи за конвој на Народните единици за мобилизација (PMU), која е пошираока коалиција на ирачки доброволци против џихадистите, која има база близина на Таџи.

Нема потврдени информации кој стои зад овој напад. Телевизијата Al Sumaria, пак, тврди дека нападот го извеле американските сили во Ирак, а целта бил еден од командантите на милицијата. Во извештајот се наведува дека има шестмина загинати и тројца ранети.

Нема засега официјална потврда за овој напад, кој доаѓа ден откако во американски напад во близина на меѓународниот аеродром во Багдад беше убиен генералот на иранските специјалнми сили Ал Кудс, Касем Сулејмани. Во истиот напад беа убиени уште четворица челници на ал-Хашед ал-Шааби, како и Абу Махди ал-Мухандис, вториот командант на PMU.