Наполи убедлив во дербито со Рома

Во дерби натпреварот од деветтото коло на италијанската Серија А, фудбалрите на Наполи на својот стадион „Сао Паоло“ ја победија Рома со 4:0.

Наполитанците доминираа во текот на средбата и нивната победа можеше да биде изразена и со повеќе погодоци против немоќната и невидливата на теренот Рома.

Домашните поведоа во 30 минута со одличниот гол на Лоренцо Инсиње од слободен удар. Во 64 минута Инсиње му асистираше на Фабијан Руиз за удвојување на водството, а сите дилеми околку прашањето на победникот ги разреши Дриес Мартенс во 81 минута кога искористи слаба интервенција на Миранте по ударот на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас кој во игра влезе четири минути претходно. Во 86 минута меѓу стрелците се впиша и Матео Политано.

Наполи со оваа победа бодовно се израмни со Рома со 17 бодови, но поради подобрата гол-разлика ѝ го презема петтото место на табелата, последнот кое директно води во европските натпреварувања. Рома, инаку, со вечерашниот пораз ја прекина серијата од 11 мечеви без пораз во сите натпреварувања.

Наполи мечот го играше во дрес кој потсетува на дресот на аргентинската репрезентација во чест на починатиот Диего Марадона, кој на Наполитанците им ја донесе своевремено титулата во Серија А. Лансирањето на новиот дрес, со кој ќе се оддаде почест на аргентиската и светска фудбалска легенда и поранешната 10-ка, инаку било планирано и пред смртта на Марадона.

„Замисливме дизајн на посебен дрес кој потсетува на Диего Марадона, неговата обожувана Аргентина и на силната врска со жителите на Неапол. Се надевавме дека Диего ќе може да го види, па дури и да го облече“, соопшти Наполи на своите интернет страници.

Првото место на табелата и натаму го држи Милан кој претходно во неделата на „Сан Сиро“ со 2:0 ја победи Фиорентина. Двата погодока „Росонерите“ ги постигнаа во првото полувреме, а во давата беше вклучен Франк Кеси. Прво во 17 минута му аисистираше на Алесио Ромањоли, а потоа во 27 минута самиот реализираше пенал. Играчот од Брегот на слоновата коска имаше пенал и во 40 минута, но овојпат не беше прецизен.

Милан со 23 бодови има предност од пет бодови пред градскиот ривал Интер и изненадувањето на досегашниот дел од првенството Сасуоло кои се на втората и третата позиција. Актуелниот шампион Јувентус со дури пет ремија сезонава е на четвртото место со 17 бодови. Фиорентина е 16-та со осум бодови, три повеќе од опасната зона.

Калјари и Специја одиграа 2:2, а гостите го избегнаа поразот со голот од пенал досуден во четвртата минута од судиското продолжение.

Специја инаку водеше по првото полувреме, со погодокот на Емануел Гиаси постигнат во 35 минута. Калјари во првиот дел од второто полувреме направи набрзина резултатски пресврт со головите на Жоао Педро во 52 и Леонардо Паволети во 58 минута. Спасоносниот гол за гостите го постигна на крајот М’Бала Нзола кога во последните секунди го реализираше пеналот.

Калјари остана 11-ти на табелата со 11 бодови, а Специја со бод помалку е 14-та.

Болоња со погодокот на Роберто Соријано во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме го совлада Кротоне. Болоња сега има 12 бодови и е 10-та, а Кротене без ниедна победа и со само два бода останува закован на последното 20-то место.

Во првиот дуел од неделната програма Лацио беше изненаден дома на римски „Олимпико“ од Удинезе, што за „Небесносините“ е првиот пораз во последните девет мечеви во сите натпреварувања.

Гостите ја обезбедија победата со головите на Толгај Арслан во 18, Ингасио Пусето во третата минута од судиското продолжение на првото полувеме и на Фернандо Форестиери во 71 минута, додека домашните го ублажија поразот преку пеналот кој во 73 минута го реализираше Чиро Имобиле.

Интересно е што ова беше само вториот погодок што Форестиери го потигнува во Серија А, а првиот го постигна пред речиси 13 години. Аргентинецот со италијански пасош првиот погодок во италијанскиот шампионат го има постигнато во јануари 2008 година за Сиена против Интер. Покрај за Сиена, Форестиери играше и за Удиензе, Виченца, Емполи и Бари во италијанска Серија Б, Малага во шпанска Ла Лига и за Шефилд Јунајтед во англиската втора лига, а во Удинезе се врати во септември годинава.

Лацио со 14 бодови сега е деветти, а Удинезе со новите три бода е 13-ти во групата екипи со по десет бодови..

Во понеделник колото ќе го затворат дуелите Торино – Сампдорија и Џенова – Парма.