Народна банка смета дека нема потреба од реакција за инфлацијата

Основната каматна стапка останува 1,25 проценти, а износот на благајнички записи што ќе се понуди ќе остане 10 милијарди денари, одлучи Народната банка на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика. Основната каматна стапка и понудата на благајнички записи се двата основни инструменти на монетарната политика за одржување на ценовната стабилност.

„На седницата беше оценето дека во отсуство на притисоци од страната на побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата засега произлегуваат од фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се оценува потреба од монетарна реакција на овие ценовни движења, но ќе продолжиме внимателно да ги следиме“, велат од Народната банка.

Народски кажано, ова значи дека инфлацијата не е предизвикана од поголема побарувачка на производи отколку што е понудата, како што вообичаено се случува, туку само од зголемени цени на страна на понудата.

Народната банка вели дека инфлацијатаќе биде умерено повисока од предвидените 2,2 проценти.

„Притоа, нагласена е неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енерегенсите, во следниот период“, велат од Народната банка.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ септември, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,8 проценти.

„Во овој период, позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени што се поврзани со  движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки“, велат од Народната банка.