Нашинецот Мунир Шемси донира хуманитарна помош за семејства во социјален ризик во дебарско

Познатиот бизнисмен во Италија по потекло од дебарскиот крај Мунир Шемси по повод светиот месец Рамазан денеска донираше пакети со прехрамбени артикли и средства за одржување хигиена.

Помошта ја примија градоначалниците на Дебар Хекуран Дука, на Центар Жупа, Аријан Ибраим и на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, кои искажаа голема благодарност за донаторот.

Станува збор за 750 пакети наменети за семејства од социјално ранлива категорија и тоа во Општина Дебар 450 и по 150 пакети во останатите две општини.

„Во италија, во градот Венето, живеат веќе 28 години, но никогаш не ги заборавив моето родно Коџаџик, Општина Центар Жупа и целиот поширок дебарски регион. Секогаш сум со мислите во овој крај и спомените ги чувам и негувам како посебна светост. Сакав барем малку овие семејства да ги израдувам за месецот на постот рамазан и да ја вратам насмевката на нивните лица“, рече во телефонскиот разговор Шемси.

Тој е познат и по тоа што го купи велигденското чоколадно јајце на лицитација во Венето по повод католичниот велигден за 30.000 евра кои беа наменети за справување со пандемијата со Ковид-19 во овој еден од најпогодени италијански региони.

Минатиот месец донира и 30.000 евра во македонското Министерството за внатрешни работи наменети за справување со пандемијата, за која лично Министерот Наќе Чулев му се заблагодари преку Скајп комуникација.

Шемси додава дека секогаш е подготвен да и помогне на неговата матична земја и нејзина промоција надвор од границите.