Насилниот ученик од ОУ „Браќа Миладиновци“ под стручен надзор

Стручен надзор за време на наставата му е одреден на ученикот со девијантно однесување од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во општина Аеродром, соопшти денеска Министерството за образование (МОН).

„Донесена е одлука, вработени во стручната служба во училиштето да присуствуваат на часовите и да обезбедуваат поддршка на наставниот кадар во работата со ученикот, но и да работат директно со ученикот во насока на подигнување на неговата концентрација кон наставната материја и градење подобар однос кон соучениците“, соопшти МОН.

Оттаму додаваат дека институциите постапуваат по секоја пријава за случај за врсничко насилство или какво било девијантно однесување во училиштата.

„Државата има развиено механизам кој го сочинуваат сет закони, проектни мерки и активности за детекција и справување со врсничко насилство. Граѓаните треба да се охрабрат да пријавуваат какви било форми на насилство меѓу младите во училишните објекти, како и надвор од нив, но и да имаат доверба дека за секоја пријава ќе има соодветен исход. Јасно е дека образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители“, се додава во соопштението од МОН.