Наставниците во училиштата го добија алгоритмот за постапување во училишта во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен односно позитивен на ковид-19.
Владата одлучи наставата да почне на први октомври. Учениците до прво до трето одделение ќе одат во училиште со дозвола на родителот, а другите ќе имаат онлајн-настава. Класична настава може да има и во други одделенија или класови во училишта ако тоа го дозволува епидемиолошката слика, односно ако одобри државата.
За да се спроведат постапките дадени во алгоритамот, потребно е секое училиште да определи одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје. Контролата врз спроведување на воспоставениот протокол за работа на училиштата во услови на епидемија со Ковид-19 ја врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
-Доколку ученик за време на престој во училиште развие покачена телесна температура над 37,5 Целзиусови степени и има симптоми карактеристични на Ковид-19 (исцрпеност, кашлица, отежнато дишење, пролив, повраќање и др.), веднаш се изолира во посебна просторија за изолација во училиштето. Додека ученикот е во изолација за него се грижи определено лице назначено од училиштето. Назначеното одговорно лице од училиштето веднаш го известува и повикува родителот/старателот да дојде во училиштето. Истото лице стапува во контакт со епидемиолошката служба во надлежниот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) и со матичниот доктор/педијатар на ученикот. Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза/тестирање/третман на ученикот“, стои во алгоритамот.
Во документот е нагласено дека епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка процена на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во одделението/класот или целото училиште.
-Ако има дете за кое ќе се утврди дека е позитивно на Ковид-19, епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ/матичниот лекар на ученикот ги известува родителите/старателите и назначеното одговорно лице во училиштето за позитивниот резултат на ученикот. Центарот за јавно здравје го известува Институтот за јавно здравје за позитивниот резултат на ученикот (особено за локацијата на училиштето и одделението/класот во кој престојува позитивниот ученик) со цел да се преземат понатамошни епидемиолошки мерки за спречување на ширење на инфекцијата. ИЈЗ го известува Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за позитивниот резултат на ученикот. Врз основа на тој резултат ДСЗИ го изготвува решението за домашна изолација на ученикот, пишува во алгоритмот.
Матичниот лекар го добива позитивниот резултат за ученикот преку системот на „Мој термин“. Назначеното одговорно лице во училиштето има обврска да обезбеди име/презиме, возраст на ученикот, адреса и место на живеење (клас во училиште) и контакт-телефон од родителите. Исто така, тоа лице треба да направи список со учениците со име/презиме, возраст, адреса и место на живеење, со број за контакт од родителите/старателите од одделението/класот во кој ученикот престојува во училиштето и податоци за наставникот (име/презиме, возраст, адреса и место на живеење, со број за контакт) кој го води одделението со истите горенаведени податоци.
Дополнително, треба да има и список со други наставници/вработени лица што биле во контакт со потврдениот ученик.
Списокот со контакти на потврдениот ученик ги доставува до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ. Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ врши процена на ризик за можноста од проширување на инфекцијата од Ковид-19 во училиштето (меѓу учениците и вработените), со тоа што учениците од одделението/класот во кој престојува позитивното дете, како блиски контакти, задолжително одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ. За наставниците и другите вработени во училиштето се прави поединечна процена на ризик.
-За најдената состојба, појава на потврден случај на Ковид-19 во училиштето и преземените мерки, ги известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ДСЗИ. Надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција во училиштето. Назначеното лице одоговорно за контакт го известува Министерството за образование и наука за појава на потврден случај на Ковид-19 во училиштето. Ученикот позитивен на SARS-CoV-2 продолжува во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата здравствена состојба ја следи матичниот лекар, или доколку се појави потреба, се хоспитализира. Родителите/старателите на детето позитивно на SARS-CoV-2, како блиски контакти, одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ, стои во алгоритамот.
Исто така, има и постапка што да се прави во случај за ученик што е докажано дека е негативен на Sars-Cоv-2.
=Ученикот кој бил сомнителен на Ковид-19, а за кој е докажано со ПЦР-тестирање дека е негативен на SARS-CoV-2, продолжува да го посетува училиштето и наставата со приложена потврда од матичниот лекар дека е во добра здравствена состојба и може да посетува училиште“, се додава во документот.