Настрада работник при изведување на работи во РЖ Железара. Станува збор за педесет и пет годишниот Симјан С. од скопско Грчец кој вчера околу 11:20 часот го загубил животот при изведување на работи во РЖ Железара.
Од полицијата информираат дека Симјан кој бил вработен како електротехничар во АД ЕЛЕМ починал како последица на струен удар додека работел во трансформатор.
Работникот веднаш бил однесен во приватната болница Ремедика, но за жал лекарските екипи можеле само да констатираат смрт. Извршен е полициски увид во присуство на јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот е предадено на обдукција.
Настрада работник и во Прилеп
Инаку ова е втор случај во два дена да настрада работник на работното место. Пред два дена Двајца работници во Прилеп настрадаа додека истоварале гранитни плочи од возило.
Плочите се навалиле од товарното возило и паднале врз двајца работници . Четириесет и едногодишниот Зоран Д. починал на самото место на несреќата, а педесет и четиригодишниот Ж.С. се здобил со тешки телесни повреди и итно бил пренесен во Медицинскиот центар во Прилеп, каде му била укажана лекарска помош.
Полицијата извршила увид на местото каде двајцата работници во Прилеп беа повредени и работи на целосно расчистување на несреќниот случај.
Настрада работник и во Гостивар
Педесет и двегодишниот електро-монтер Љ.Х. од село Равен пред неколку месеци се здоби со тешки повреди откако падна од дрвен столб додека работел на замена на електричен кабел на улицата „Илинденска” на излезот од Гостивар.
Љ.Х. при падот се здобил со скршеница на левата потколеница, десното рамо и карлицата.
Работникот веднаш бил пренесен во болницата во Гостивар, а оттаму потоа на скопските клиники.
На местото на несреќата при увидот учествувал и државен трудов инспектор, кои заедно со полицијата треба да утврдат како дошло до повредување на работникот.
Водоводџија затрупан од земја во Тетово
Несреќен случај при работа пред неколку месеци имаше и на улицата „Сретко Крстески” при замена на водоводна цевка.
Четириесет и деветгодишниот И.Н., вработен во ЈП Водовод, додека работел во дупка на дефект, врз него се одронила земја од ископот и му ја повредило едната нога.
Полицијата веднаш излегла на терен и извршила увид на местото на настанот.