НАТО состанок за труењето на Навални

Членките на НАТО денеска ќе одржат специјална седница на која ќе разговараат за труењето на лидерот на руската опозиција Алексеј Навални со воен нервен отров „Новичок“. 30 члениот западен воен сојуз се очекува официјално да ја повика Русија да спроведе целосна и транспарентна истрага. Германија на 2 септември соопшти дека тестовите обезбедуваат „недвосмислен доказ“ дека сериозно болниот критичар на Кремљ бил затруен со „Новичок“.

На 44-годишниот Навални му се слошило на лет од Сибир кон Москва на 20 август, принудувајќи го авионот со кој патувал да изврши итно слетување во Омск, каде помина два дена во болница пред да биде евакуиран во Германија. Тој сега е на апарати за дишење и е под медицинска кома во одделот за интензивна нега во болница во Берлин. Германија се обидува да подготви заедничка реакција против Русија од нејзините партнери во ЕУ и НАТО, откако канцеларката Ангела Меркел го опиша случајот на Навални како „обид за убиство со труење“.