Наумоф и Мизо во потрага по италијански инвеститори

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо оваа недела престојуваат во Италија, каде, заедно со економскиот промотор во оваа земја, Иван Илиев, во текот на петдневната посета на северна и централна Италија, ќе ги презентираат поволностите за инвестирање во Македонија. Во фокус на агендата на делегацијата ќе бидат посети и директни средби со менаџери на компании од таргет сектори.

Посетата почнува во регионите Емилија Ромања и Марке каде ќе бидат остварени средби со највисокиот врв на неколку водечки компании од областа на производство на висока технологија.  Делегацијата ќе има  работна вечера со менаџерите на глобална компанија лидер во производство на машини за градежна и рударска индустрија.

Во рамките на оваа посета ќе бидат остварени  средби и со компании кои веќе ја разгледуваат Македонија како нивна инвестициска дестинација и со кои преговорите се во тек врз основа на претходно остварените контакти за време на посетите на Италија на министерот Наумоф, директорот Мизо, владиното Роуд шоу во декември минатата година, како и бројните средби и промотивни активности на економскиот промотор Иван Илиев.

За време на еднонеделната посета на Италија, ќе бидат остварени средби со компании од 7 градови од регионите Пиемонте, Ломбардија, Емилија Ромања, Марке, и Трентино- Алто Адиџе (Јужен Тирол).