Навални од суд порача – Путин во историјата ќе замине како трујач

Моето апсење е залуден обид на Кремљ да исплаши милиони Руси, рекол Навални.

Рускиот опозиционер Алексеј Навални, на денешното судско сослушување на кое се одлучува дали ќе биде во затвор со години, рекол дека неговото апсење е залуден обид на Кремљ да натера милиони Руси на потчинетост.

Навални е уапсен на 17-ти јануари, кога се вратил од Германија каде минал неколку месеци закрепнувајќи од труење со нервен агенс, за што го обвинува Кремљ.

Руските власти ја негираат одговорноста и тврдат дека и покрај тестовите на неколку европски лаборатории, нема докази дека Навални бил отруен.

Зборувајќи пред судот, Навални своето апсење го припишал на “стравот и омразата” на Путин, велејќи дека рускиот лидер во историјата ќе замине како трујач.

“Целта на ова сослушување е да исплаши многу луѓе. Затворија еден човек за да исплашат милиони”, рекол Навални меѓу другото.

Потсетуваме, апсењето на Навални предизвикало големи протести во неколку руски градови минатите денови. И денеска оние кои го поддржуваат Навални се собрале пред судот во Москва. Руските полициски сили апселе демонстранти, како денеска, така и претходните денови.