Навиките за спиење зависат од сезоната, во зима ни е потребен повеќе сон

1142659520

Ако сте меѓу оние кои едвај стануваат од кревет во зима, не значи дека сте мрзеливи. Новото истражување сугерира дека на луѓето веројатно им треба повеќе сон во постудените месеци од вообичаено, пишува Гардијан.

Анализата на лицата кои учествувале во студиите за спиење откри дека во зима поминуваме повеќе време во таканаречената РЕМ фаза на спиење. И додека вкупното време поминато во спиење беше еден час подолго во зима отколку во лето, резултатот не беше земен како статистички значаен.

Сепак, РЕМ фазата која е директно поврзана со деноноќниот ритам, на кој влијае светлината, е за 30 минути подолга во зима отколку во лето.

Истражувањето покажа дека луѓето поминуваат повеќе време во РЕМ сон во зима отколку во лето, дури и кај урбаната популација која се соочува со прекин на спиењето.

Ако студијата се повтори со учесници кои немаат проблеми со спиењето, тоа би можело да доведе до први докази за потребата да се прилагодат навиките за спиење во зависност од сезоната – можеби со легнување порано во текот на темните и студени зимски месеци.

Според авторот на студијата доктор Дитер Кунц, од клиниката за спиење во Св. Хедвиг во Германија: „Дури и да сме подеднакво активни во текот на зимата, физиологијата ни е намалена, а во февруари и март затоа се чувствуваме како да ни снемува сила. Општо земено, луѓето треба да ги приспособат своите навики за спиење, вклучително и времето и должината, на одредени сезони, или да го приспособат распоредот за на училиште или работа со потребите за спиење во зависност од периодот од годината“, додава тој.

За време на РЕМ фазата на спиење, има зголемување на мозочната активност, а многумина од нас сонуваат. За време на нормалниот, здрав сон, на кратката РЕМ фаза и претходат уште три фази.

И додека истражувачите признаваат дека резултатите од оваа студија треба да се потврдат со анализа на луѓе кои немаат проблеми со спиењето, промените поврзани со возраста би можеле да бидат уште поизразени кај здравата популација.

За целите на оваа студија, тим од научници проучувале 292 пациенти кои претходно учествувале во студии за спиење. Овие студии редовно се спроведуваат на пациенти кои имаат тешкотии со спиењето. Од нив се бара да спијат во посебни лаборатории без будилник, а се мери квалитетот и видот на спиењето, како и неговата должина.