Кошаркарите на Хјустон Рокитс ноќта кон вторникот во полуфиналето од Западната конференција во НБА лигата израмнија во серијата до четири победи на 2:2 совладувајќи ги со 112:108 Голден Стејт Вориорс, додека Милвоки Бакс поведоа со 3:1 по победата на гости кај Бостон Селтикс.
Најголемата предност на Хјустон во овој натпревар изнесуваше 17 коша, и тоа во третата четвртина, но тогаш Вориорс направија серија од 22:9 и дојдоа на заостанување од 82:86, разлика која се одржа до крајот.
Џејмс Харден постигна 38 коша со 10 скокови за победата на Хјустон на свој терен. Ерик Гордон додаде 20 поени, а Пи Џеј Такер 17 со 10 скокови. Кај бранителот на титулата најдобар беше Кевин Дјурант со 34 коша, додека Стеф Кари мечот го заврши со 30 поени, но беше непрецизен во ударите за „тројка“, промаши 10 од 14 обиди. Дрејмонд Грин додаде 15 коша со 10 скокови и 5 асистенции.
Петтиот натпревар се игра во среда во Окленд.
Милвоки Бакс дојдоа сосема близу пласманот во конференциското финале, надигрувајќи ги синоќа со 113:101 Бостон Селтикс на нивен паркет. Клучна беше третата четвртина која Бакс ја добија со 33:23 и направија пресврт по заостанувањето од полувремето 47:49, и минаа во водство од 80:72.
Јанис Антетокунпмо, кој е канидадат за титулата најдобар играч на сезоната, беше најдобриот поединец кај Бакс со 39 коша од кои 17 постигна во последната четвртина. Кајри Ирвинг ги предводеше Селтикс со 23 коша и 10 асистенции.
Петтиот меч се игра во среда во Милвоки.