НБА лига: Денвер со голем пресврт до победа против Торонто, Далас подобар од Чикаго

Шампионот Денвер Нагетс се изнамачи да го совлада тимот на Торонто Рапторс кој играше десеткуван поради бројните повреди. Торонто водеше со 17 коша разлика на полувремето, и имаше 22 коша разлика во третата четвртина. Денвер направи фантастичен пресврт во следните 10 минути и на 3 минути пред крајот поведе со 5 коша разлика што ја задржа до крајот на мечот.

Никола Јокиќ оствари нов „трипл дабл“, 21-ви сезонава, со 35 коша, 17 скокови, 12 асистенции и дури 6 украдени топки. Џамал Мари беше невообичаено тивок во првото полувреме кога постигна само 5 коша, но на крајот заврши со 26 поени и 12 асистенции.

Со победата Денвер се искачи на второто место на Западната конференција и заостанува само половина натпревар пред првопласираната Оклахома. Трета е Минесота која по повредата на Карл-Ентони Таунс почна да заостанува во трката за првото место на западот.

Далас Маверикс забележаа нова убедлива победа против Чикаго Булс 127:92 предводени од првиот стрелец на НБА, Лука Дончиќ. Словенецот оствари нов „трипл дабл“ со 27 коша, 14 асистенции и 12 скокови. Одличен учинок од клупата имаа и Џош Грин со 26 коша и центарот Дерек Лајвли со 22, додека Кајри Ирвинг постигна скромни 14 поени.

Ривалите на Далас во борбата за првите шест места на западот што водат во плејофот, исто така, забележаа победи. Феникс Санс извојуваа тешка победа против одличниот Кливленд со 117:111 предводени од фантастичниот Кевин Дурант кој постигна 37 коша, додека Девин Букер додаде 27, а Бредли Бил 24 поени. Кај Кливленд најдобар беше плејмејерот Дариус Гарланд со 30 коша.

Во трката на Западот остануваат и шампионите од пред две сезони Голден Стејт Вориорс кои ги победија Сан Антонио Спарс со 112:102, а без својот најдобар играч Стеф Кари. Вориорс беа предводени од Џонатан Куминга со 22 и Клеј Томпсон со 21 поен до важна победа во битката за најдобра можна позиција пред плеј-офот, а ветеранот Крис Пол беше блиску до „трипл-дабл“ со 19 асистенции, 9 скока и 8 асистенции. Кај Спарс, првиот пик на минатогодишниот драфт, Виктор Вембањама беше најдобар со 27 поени и 14 скока.

Со учинок од 34-30, Вориорс во моментов се 10-та екипа во Западната конференција, последна која води во „плеј-ин“, но со голема предност пред 11. Хјустон Рокетс, кои се на 29-35, додека Спарс се на самото дно на Западот со 14-51.