По 19 години минати во најсилната кошаркарска лига на светот, 38-годишниот Кармело Ентони се повлекува од играњето.
Ентони на социјалните мрежи ја објави својата одлука да стави крај на кариерата.
„Дојде време да се збогуваме“, напиша Ентони кој играше за Денвер Нагетс, Њујорк Никс, Оклахома Сити Тандер, Хјустон Рокетс, Портланд Трејл Блејзерс и Лос Анџелес Лејкерс.
„Се сеќавам на деновите кога немав ништо, само топка на теренот и сон за нешто повеќе“, додаде тој.
„Кошарката беше мојот издувен вентил. Мојот излез. Мојата желба да успеам секогаш беше силна. Засекогаш сум им благодарен на клубовите и градовите во кои играв“, вели Ентоно.
Ентони влезе во НБА во 2003 година кога Денвер го донесе како третт пик на драфтот. Прв „пик“ тогаш беше Леброн Џејмс, четврти Крис Бош, а петти Двејн Вејд.
Десет пати беше учесник на „Ол-стар“ натпреварот, во кариерата постигна 28.289 поени, со просек од 22,5 поени на натпревар. Само Леброн Џејмс, Карим Абдул-Џабар, Карл Мелоун, Коби Брајант, Мајкл Џордан, Дирк Новицки, Вилт Чембрлен и Шекил О’Нил постигнаа повеќе коша од Ентони кој е така 9-то пласиран на вечната листа.
Ентони е и сопственик на три златни олимписки медала со репрезентацијата на САД, во 2016, 2012 и 2008 година.
Го водеше Универзитетот Сиракуза до националното првенство NCAA во 2003 година во неговата единствена кошаркарска сезона на колеџ.