Кошаркарите на Денвер Нагетс се на чекор до финалето во НБА лигата, откако ноќта кон неделата во третиот натпревар од финалето на Западната конференција на гостински терен ги совладаа Лос Анџелес Лејкерс со 119:108 и поведоа со 3-0 во серијата до четирите победи.
До победаа Нагетс ги предводеше Џамал Мареј, кој 30-те од своите 37 поени ги постигна во првото полувреме, а Никола Јокиќ постигна 15 поени во последната четвртина. Двократниот МВП играч на лигата, натпреварот го заврши со 24 поени, осум асистенции и шест скока.
Кентавиус Колдвел-Поуп постигна 17 поени, Брус Браун додаде 15, а Мајкл Портер Џуниор за Нагетс впиша 14 поени, 10 скока и шест асистенции.
Нагетс можат да се пласираат во финалето на НБА првпат во историјата на франшизата во понеделник навечер кога во Лос Анџелес се игра четвртиот натпревар во серијата. Досега ниту еден тим во историјата на НБА не успеал да се опорави од негативата од 0-3 и да победи во серија.
Ентони Дејвис ги предводеше Лејкерс со 28 поени и 18 скока. Леброн Џејмс додаде 23 украдени топки, 12 асистенции и седум скока, а Остин Ривс 23 поени и седум скока.
Хачимура изведе две слободни фрлања за водство на Лос Анџелес од 94:93 на 7,48 минути до крајот, а потоа Денвер одговори со 13 последователни поени. Џеф Грин, Браун и Мареј погодија „тројки“, Браун додаде кош, а Јокиќ имаше полужување за водство на Денвер од 12 поени на 4,51 до крајот.
Лос Анџелес потоа не можеше да се доближи до Денвер. Кога Портер погоди обид за три поена за водство на Нагетс од 117:103 на нешто повеќе од една минута до крајот, беше јасно дека Лејкерс не можат да го избегнат првиот пораз на домашен терен во плејофот.