Раководството на НБА сериозно размислува да воведе паралелно натпреварување, чија инспирација е успехот на фудбалската Лига на шампиони.
Идејата е да се воведе дополнителен турнир чија завршница би се случила во празничниот период околу Божиќ, а првпат може да биде спроведен на дело уште следната сезона.
Осумте екипи со најдобар ефект од првата фаза би се пласирале на завршен турнир каде би се играле елиминациски натпревари, а секој играч на победничката екипа би добил бонус од 1 милион американски долари.
Вметнувањето на ваква мини-лига би значело и скратување на бројот на средби во регуларниот дел од сезоната од 82 на 78, пренесува „ЕСПН“, чии новинари потврдуваат дека НБА сериозно работи на овој проект кој може да донесе дополнителни приходи од различни страни.
Првично, намалувањето на бројот на натпревари може да има негативен финансиски ефект за клубовите, но комесарот Адам Силвер верува дека за неколку години новиот турнир ќе стане престижен, а со тоа ќе донесе и повеќе профит за сите учесници.