Македонскиот финансиски систем минатата година работеше во поповолно опкружување во однос на 2016 година, одржувајќи ја својата стабилност и непречено работење во сите сегменти.
Ова го заклучи Советот на НБРМ, денеска усвојувајќи го Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2017 година.
Потенцирано е дека во 2017 година, банките остануваат најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на целокупниот финансиски систем и на одделните финансиски институции. Во текот на минатата година, нема позначителни промени во однос на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците во работењето. Ризиците од нефункционалните кредити не се големи, имајќи предвид дека банките обезбедуваат високо нивно на нивна покриеност со исправка на вредноста, при што нивната евентуална целосна ненаплата не би ја нарушила солвентноста на банките.
Во соопштението се наведува дека во Извештајот е истакнато дека минатата година дојде до подобрување на солвентноста на банкарскиот систем, при што стапката на адекватност на капиталот достигна 15,7 проценти. Ликвидноста на банкарскиот систем е задоволителна, при што во 2017 година, ликвидните средства се задржани на ниво што овозможи непречено извршување на деловни активности на банките.
Во Извештајот, одделно е нотирано и дека во 2017 година, домашниот корпоративен сектор бележи подобрување на показателите од работењето утврдени врз основа на агрегираните официјални финансиски извештаи на секторот, што во голема мера се темели на новите извозно ориентирани капацитети. Висината на долгот на корпоративниот сектор расте побавно, при што првпат во последните седум години дојде до намалување на неговата нето-задолженост кон надворешните доверители, поради растот на дадените кредити од домашни корпоративни клиенти кон нерезиденти.
Во соопштението се наведува и дека искуството на банките покажува поголеми ризици од корпоративниот сектор, наспроти домаќинствата, поради што е сè поголем нивниот интерес за кредитна поддршка токму на домаќинствата.
Поголемиот интерес на банките за кредитна поддршка на домаќинствата, како што наведуваат, е поткрепен и со зголемената побарувачка за кредити пред сè во доменот на станбеното кредитирање, поволните остварувања на пазарот на труд и поволните очекувања на потрошувачите во поглед на невработеноста и финансиската состојба. Стимул за поголемо кредитирање на домаќинствата претставува и солидната наплата и следствено добриот квалитет на кредитното портфолио на банките кон домаќинствата, што се согледува преку ниската и стабилна стапка на нефункционалните кредити од 2,4 отсто.
При разгледување на Извештајот, одделно внимание беше посветено и на капитално финансираното пензиско осигурување и на осигурителниот сектор, како следни два поголеми сегменти од финансискиот систем.
Во Извештајот се заклучува дека капиталното финансирано пензиско осигурување и осигурителниот сектор не создаваат ризици за финансиската стабилност.
– Пензиските фондови влегуваат во тринаесетата година од нивното основање и сè уште немаат поголеми обврски врз основа на исплата на пензии, а исто така и применуваат конзервативна стратегија на инвестирање на прибраните средства. Друштвата за осигурување се карактеризираат со висока солвентност и ликвидност, наведуваат во соопштението.
Во Извештајот е истакнато дека е потребно да се посвети поголемо внимание на финансиските друштва кои се широко присутни и лесно достапни, поради можното зголемување на скапата задолженост на нивните кредитокорисници.
Во Извештајот, е потенцирано дека НБРМ и натаму останува подготвена да ги преземе сите потребни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс во насока на одржување на ценовната стабилност како нејзина основна цел, но и како поддршка на финансиската стабилност како нејзина втора законски утврдена цел.
На седницата, Советот разгледа и донесе и нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик, која е изработена во насока на усогласување на домашната регулативата со барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување МСФИ 9, како и со одредбите од европските стандарди донесени од страна на Европскиот банкарски орган и Европската централна банка, пред сè во однос на дефинирањето на нефункционалните и реструктурираните кредитни изложености. Оваа Одлука ќе се применува од 1 јули следната година.