-На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, соопштија од Банката.
Најновите податоци покажуваат годишна стапка на инфлација од 18,7% во септември, или просечна годишна инфлација во периодот јануари – септември 2022 година од 12,4%. Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешни фактори, порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, кои се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија.
Од тие причини, околу 80% од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75% од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката.
Домашната економска активност во третиот квартал упатува на забавување на реалниот економски раст, што заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и сè поголемата енергетска криза, ги нагласуваат надолните ризици за растот во следниот период.
Општо земено, неповолното надворешно окружување носи нагласени ризици и налага водење претпазливи домашни политики, соопшти НБРМ.