НБРМ: Поскапувањето на лебот во рамките на очекуваната инфлација

Влијанието на цената на лебот и нејзиното зголемување било предвидено за инфлацијата во оваа и за наредната година, велат од Народна Банка. Од централната банка велат дека будно ја следат состојбата, но не можат да влијаат врз оваа одлука бидејќи цената се формира на слободниот пазар.

Анализата на НБРМ покажува дека од средината на 2017 година е забележан нагорен тренд на цените на пченицата на светските берзи, како и раст на цената на суровата нафта кои се вбројуваат меѓу факторите кои ја корегираа цената на лебот во малопродажбата.

Цените на лебот и белите печива се формираат слободно на пазарот, и на нив влијаат повеќе фактори. Од средината на 2017 година е забележан нагорен тренд на цените на пченицата на светските берзи, како и раст на цената на суровата нафта и нафтените деривати, кои се вбројуваат меѓу тие фактори.

Имајќи ја предвид структурата на потрошувачката, секако дека најавеното поскапување ќе има определен ефект врз стапката на инфлација, која го одразува општото ниво на цените во економијата. Последните поголеми зголемувања се случија во 2011 година, кога цените на категоријата “леб и житa”  во просек се зголемија за околу 11 %, а согласно со учеството на оваа категорија во индексот на потрошувачки цени, ефектот од зголемените цени кај оваа категорија на производи беше помал од еден процентен поен врз вкупната стапка на инфлација, велат од НБРМ

 Тековно просечната домашна инфлација изнесува 1,5%, а за цела 2018 година очекуваме таа во просек да изнесува околу 1,6%. Во следната 2019 година е проектирано нејзино благо забрзување на 2%. Она што е важно  што во овие проекции веќе се  вклучени и претпоставките за понатамошен раст на светските цени на храната и енергијата, и нивно прелевање врз домашните цени. Засега не очекуваме позначајни отстапувања од предвидената патека на домашната инфлација до крајот на оваа и во текот на наредната година.

 

Инаку, граѓаните се изненадени оваа одлука. Велат дека се затечени со овој потег на пекарите. Но тврдат и дека добар дел од останатите производи во маркетите се продаваат по повисока цена во однос на лани.

„Покрај тоа ќе поскапат и други работи, ми кажаа стручни лица. Тоа не чини, партиски не сум определен ни за едни ни за други. Слатка е власта, стани ти, да седнам јас.“ „Ќе месиме, што да правиме. Пет килограми брашно е сто денари, а од него колку лебови вадиш?“ „Се е скапо, катастрофа. Пензијата е само за лекови и сметки, не стасува за ништо“, реагираат граѓаните во прилогот на Алсат-М.

Мелничко-пекарската индустрија реши да ја зголеми цената на лебот за околу три денари со образложение дека имаат зголемени производствени трошоци. Мелничарите се жалат и на катастрофалниот род на пченицата, поскапата нафта и недостатокот на работна сила во пекарскиот бизнис, а со тоа и принудното зголемување на платите во овој сектор. Ова поскапување на основниот прехранбен производ доаѓа по пауза од речиси седум години. Тогаш лебот поскапи поради енормното зголемување на цената на струјата.