НБРМ: Раст на депозитите и на кредитната поддршка и во текот на август

Во текот на август вкупните депозити во Република македонија бележат годишен раст од 5,2% и кај депозитите на домаќинствата и на компаниите, при што поизразен е растот кај секторот „домаќинства“. Со изземање на податоците за „Еуростандард банка“ АД Скопје – во стечај, вкупните депозити бележат месечен и годишен раст од 0,5% и 6,9%, соодветно.

Податоците на Народната Банка, покажуваат дека вкупните кредити бележат годишен раст од 6,9%, како резултат на кредитирањето кај двата сектора. Со изземање на податоците за „Еуростандард банка“ АД Скопје – во стечај, вкупните кредити бележат месечен и годишен раст од 0,3% и 8,8%, соодветно.

Паричната маса во август 2020 година, се намалил за 1,0% на месечно ниво, во најголем дел како резултат на падот на долгорочните депозити до две години, како и помал пад на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при раст кај депозитните пари. Споредено на годишна основа, паричната маса бележи раст од 7,0%, којшто се должи на повисоките депозитни пари, готови пари во оптек и краткорочни депозити, при остварен пад кај долгорочните депозити до две години.

Во август, вкупните депозити бележат месечен пад од 1,1%, којшто се должи на намалувањето на депозитите на секторот „домаќинства“, во услови на раст на депозитите на корпоративниот сектор. Вкупните депозити се зголемени за 5,2% на годишна основа, при раст на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај секторот „домаќинства“. Доколку се исклучат податоците за депозитите на банката
во стечај вкупните депозити во август бележат месечен и годишен раст од 0,5% и
6,9% соодветно.

Вкупните кредити во август се пониски за 1,4% на месечна основа, што во услови на раст на кредитите на домаќинствата, во целост го одразува намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст за 6,9%, како резултат на повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е поизразено кај секторот „домаќинства“. Доколку се исклучат податоците за кредитите на банката во стечај, вкупните кредити бележат месечен и годишен раст од 0,3% и 8,8% соодветно.

Депозити и кредити на корпоративниот сектор

Во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголемени за 1,3% на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел се должи на зголемувањето на депозитните пари, при остварен помал раст и кај депозитите во странска валута (краткорочни и долгорочни), а во услови на пад кај депозитите во денари (краткорочни и долгорочни). Годишниот раст изнесува 5,8% и главно се должи на растот на депозитните пари, како и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари. Со исклучување на податоците за депозитите на корпоративниот сектор на банката во стечај, месечниот и годишен раст во август изнесува 2,0% и 6,5%, соодветно.

Кредитите на корпоративниот сектор овој месец се пониски за 3,1% во споредба со претходниот, како резултат на намаленото кредитирање во денари. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 4,8%, под влијание на растот на кредитите во денари и странска валута, којшто е поизразен кај кредитите во странска валута. Доколку се исклучат податоците за кредитите на банката во стечај, кредитите на корпоративниот сектор, во август, бележат месечен пад од 0,6%, при годишен раст од 7,6%.

Депозити и кредити на домаќинствата

Во август, кај вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 2,1%. Надолната промена во најголем дел се должи на намалените долгорочни депозити во денари (учество во промената од 68,2%), при забележан пад и кај останатите компоненти, освен краткорочните депозити во странска валута коишто бележат раст. Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата се зголемени за 5,7%, како резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти бележат пад. Ако се исклучат податоците за депозитите на банката во стечај, остварен е минимален месечен раст од 0,1% и годишен раст од 8,0%.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат месечен раст од 0,3%, којшто е резултат на повисоките кредити одобрени во денари, додека кредитите во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 9,0% и е поизразен кај кредитите одобрени во денари. Со исклучување на податоците за кредитите на домаќинствата на банката во стечај, растот на месечно и годишно ниво изнесува 1,2% и 10,0%, соодветно.

Во август, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечен и годишен раст од 0,4% и 9,6%, соодветно. Станбените кредити се намалени за 0,3% на месечно ниво, при остварен годишен раст од 13,0%. Кај автомобилските кредити падот на месечна и годишна основа изнесува од 0,9% и 10,7%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички бележат минимален месечен раст од 0,1%, при годишен пад од 3,7%, додека негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,1%, при годишен пад од 10,9%. Кредитите одобрени врз други основи, во август, се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се намалени за 5,4%.