Не планирам да ги спроведувам игрите на Заев, ова не е шоу бизнис политика

Не велам да нема избори, ВМРО ДПМНЕ е фаворит на истите и ќе победи убедливо, но едноставно не е време за тоа во услови кога здравјето е во прашање, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Фокус.

Мицкоски е дециден дека не планира да ги спроведува, како што вели, игрите на Заев, бидејќи најважно е здравјето на граѓаните.

-Да ги заштитиме прво граѓаните, да застанеме на нозе во економијата барем на нозе и потоа да организираме избори кои не само што треба да бидат слободни и фер туку и да бидат кредибилни со голема излезност. Не планирам да ги спроведувам игрите на Зоран Заев, ова не е шоу бизнис политика, туку политика каде имаме одговорниост за животите и судбините на луѓето. И токму воден од личните интереси Заев им нареди на министрите да глумат нормализација. Па ќе видите шпекулации за враќање на децата во училишта што е нон сенс, или пак тоа што Филипче ќе излезе на прес конференција и прво ќе соопшти колку има излекувани од Корона кога лекот уште не е измислен, а ќе се согласите не сме толку напредни Филипче да измислил некој лек што не го знаеме. Но работата е да се глуми нормалност. Може да каже колку се заздравени а не и излекувани, а тоа го прави за да каже дека еве работиве влегуваат во нормала а ние во меѓувреме ги броиме за жал жртвите. И кога уште се бројат мртви јас не ни помислувам на тема избори, вели Мицкоски за Фокус.