Не постои директна опасност за Македонија – Петровска: Набавка на современ против воздушен систем е стратешка обврска

Во моментов не постои опасност за некаков напад врз нашата земја, но инвестициите во одбраната, како што е набавката на современ систем за воздушна одбрана, е дел од стратешкото и долгорочно планирање на одбраната, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, додавајќи дека замената на против воздушниот систем е една од обврските и проект кој е започнат пред неколку години.

Петровска откри дека тоталната сума изнесува 66 милиони евра кои ќе бидат исплатени во следните 4 години, со цел да се избегнат финансиски компликации. Таа ова го изјави по средбата со директорот за комуникации во командата за сојузнички операции во НАТО, Џеј Џанзен, а следниве денови во Македонија му е доверена организацијата на најголемата конференција за комуникатори во Алијансата.

-Имаме војна во Украина, руска агресија врз таа држава, и гледаме како комуникацијата се користи како оружје. Истовремено гледаме како комуникацијата се користи против нас во сојузнички држави, гледаме лажни информации и дезинформации и заедно треба да дискутираме, да соработуваме, учиме, да делиме и кога сме обединети можеме да ги надминеме овие нешта и да го демантираме тоа и што е најважно, можеме да зборуваме за тоа што е најважно за нас како Алијанса-вели Џанзен.

Конференцијата на НАТО за комуникатори, ќе се одржи на 7 и 8 септември во Скопје а на неа ќе се соберат над 300 луѓе од државите на Алијансата.