Не се потрошени ни половина од планираните капиталните инвестиции

Реализацијата на капиталните инвестиции или тие од кои се очекува да го покренат растот на економијата се покажа како проблем и лани, трендот продолжи и годинава. Иако власта тврди дека дел од проектите кочат поради некои трети фактори, сепак потфрлувањето е значајно.

Владата предложи ребаланс на буџетот на почетокот на септември годинава и со него ги скрати за 50 милиони евра капиталните инвестиции. Со прекројувањето отпаднаа планираните инвестиции во железницата, во проектите во образованието, во водоснабдувањето, дозиградбата на Коридорот 10. Тогаш министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека се кратат средства од капиталните трошења кои биле со слаба реализација и се финансирани со кредити. Познавачите бараат да запре практиката, секоја година наместо да се реализираат предвидените инвестиции, парите за овие трошења да се намалуваат.

Во буџетот за 2020 година за капитални трошоци проектирани се 23 милијарди денари или 374 милиони евра.