Не слета на ”Александар Велики” избега од пресот на “Филип Втори” но ќе не учи што е култура

Избега од Александар Велики, ама на крај го обиколија и Александар и Филип – ваквиот тип на иронични шеги на сметка на бизарните одлуки на шефот на грчката дипломатија му пречат на јужниот сосед. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките медиуми критикуваат за климата во која Венизелос бил дочекан во Македонија.

Весникот „Катимерини” пишува дека посетата на Скопје била реализирана во тензична атмосфера.

„Показател за атмосферата беше и тоа што по средбата со министерот за надворешни работи Попоски, двајцата министри не дадоа заеднички изјави. Се разбира, Попоски го “боцна” Венизелос за тоа велејќи дека очигледно не му се допадна позадината односно натписот Република Македонија”, се вели во текстот на весникот.

Според грчкиот печат, нашиот министер бил ироничен, а на македонските колеги им замеруваат затоа што сите наши медиуми известувале за тоа што Венизелос намерно ги избегнувал аеродромот и автопатот поради името Александар Велики. 

Телевизијата „Антена” коментира дека индикатор за климата која што преовладувала било тоа што медиумите во Македонија известувале за овие одлуки на Венизелос.

Останува не јасно како освен со иронија да се дочекаат бизарните одлуки на шефот на нивната дипломатија да не слета во Скопје туку да се вози со автомобил од Приштина и пак назад, поради името на нашиот аеродром ? И како освен како што пренесува телевизијата Мега “со иронична реакција”, шефот на македонската дипломатија Попоски да го искоментира фактот што сам застана на прес конференција што требаше да биде заедничка со актуелениот претседавач со Советот на министри на ЕУ, но нему му пречеше натписот во позадината ?

Телевизијата „Антена“ известува дека на брифингот со грчките новинари во Скопје, непосредно пред средбите со македонскиот државен врв, Венизлос тврдел дека ” ‘Скопјаните’ требало да разберат што значела европска правна и политичка култура”.

И додека правната култура налага почитување на пресуди на судови, како на пример  онаа на меѓународниот суд на правдата во Хаг, политичката култура налага барем минимум почитување на земјата домаќин, но сепак се чини Венизелос не успеа да ни презентира ни една од двете култури.

Посетата на шефот на грчката дипломатија во Македонија предизвика голем медиумски интерес во двете земји.

„Венизелос и Груевски се согласија дека не се согласуваат ” е насловот за средбата во македонската Влада, на еден од дури  осумте објавени текстови на порталот “Њузбомб”, посветени на посетата на Венизелос.