Филмскиот циклус посветен на словачката кинематографија ќе почне вечер од 20 часот со проекција на филмот „Боксерот и смртта“ од 1963 година, во режија на Петер Солан, кој репризно ќе биде прикажан утре од 17 часот.
„Боксерот и смртта“ раскажува за затвореник во нацистички логор кој чека егзекуција, но е поштеден кога командантот, поранешен боксерски шампион, открива дека затвореникот е боксер аматер. Командантот му дава шанса на затвореникот и тој станува негов спаринг партнер.
Филмот се базира на животот на полскиот боксер Тадеуш Теди Пјетриковски и на новелата на Јозеф Хен. Во 1989 година направен е холивудски римејк на овој филм насловен „Победата на духот“.
Во рамки на филмската недела ќе бидат прикажани уште четири филма: „Сонце во мрежа“ во режија на Штефан Ухер од 1962; „Птици, сираци и будали“ на Јурај Јакубишко од 1969; „Пат преку Дунав“ на режисерот Милослав Лутер од 1989 и „Јас љубам, ти љубиш“ во режија на Душан Ханак снимен во 1989 година, кој е добитник на „Сребрена мечка“ на фестивалот во Берлин.
– Циклусот е составен од пет словачки филмски класици, меѓу кои и филмови кои не биле по мерка на власта и биле забранувани. Ова е одлична можност македонската публика да ги продлабочи знаењата за историјата и кинематографијата на Словачка, откако претходно, во 2014 година, Кинотеката со поддршка на Словачката амбасада прикажа еден обемен циклус современи словачки филмови, соопшти Кинотеката на Македонија.