Негодуваат вработените во Европарламентот поради зголемените цени во кантината

Ненајавеното зголемување на цените на оброците во кантината на Европскиот парламент до 25 отсто, ги налути вработените во таа институција, објави „Политико“.

За порцијата помфрит, која досега ја плаќале две евра, ќе мора да издвојат дополнителни 50 центи, додека цената на супа од кромид од 80 центи е поскапена на едно евро (61,5 денари).

Како причина за зголемување на цените се наведува белгискиот данок на додадена вредност, кој претходно не беше наплатуван, како и поскапувањето од 5 август поради нови договори со приватни доставувачи.

Она што вистински додава „сол на рана“, како што пишува Политико, е тоа што се забележително пониски цените во кантините во Европската комисија и Советот на Европа. Па така, чинија чорбест грав во Еврокомисијата чини само 63 центи, а во Европарламентот 1.30 евра. Вработените во Европарламентот плаќаат повеќе и за салатите, па 100 грама тие плаќаат 1,30 евра, додека во Еврокомисијата истата чини само 82 цента.