Неколку извидувачко-разузнавачки авиони се регистрирани во близина на границите на руското воздушно пространство, недалеку од Крим и Калининград, пренесуваат во петокот руските медиуми повикувајќи се на отворените ресурси за следење на податоците.
Според овие податоци објавени на интернет ресурсите, авион за радиско разузнавање од типот „RC-135V“ на воздухопловните сили на САД со број на леталото 64-14841 извел лет во близина на брегот на црноморскиот полуостров Крим, како и кај Краснодарскиот крај. Овој авион полетал од воздухопловната бза Соуда Беј во Грција, во 7,10 часот по македонско време, а до посочените локации патувал повеќе од три часа и неколкупати го надлетал полуостровот. За негово полнење од базата во Моденхол во Велика Британија бил испратена воздушна цистерна „Boeing KC-135 Stratotanker“ со број 57-2605, пренесува агенцијата РИА.
Покрај тоа, авион за собирање електронски разузнавачки информации од типот „RC-135V“ со број 64-14844 полетал во 12 часот од Велика Британија, по што летал во близина на руската балтичка енклава Калининград. Во истата област извидувачки лет извршил и американски разузнавачки авион „Boeing P-8A Poseidon“. Крај Калининград е регистриран во петокот и лет на шведски авион за разузнавање „GIV SP“.
Руски воени извори потсетуваат дека последните години се зголемени активностите на странските разузнавачки авиони, особено на американските беспилотни летала, на руските граници. Министерството за одбрана реагираше на зголемениот број разузнавачки операции во близина на руските гранции и ги повика САД да се откажат од ваквите активности, но истакнуваат дека од Пентагон не добиле позитивен одговор.
Според руските аналитичари, ваквата практика која Вашингтон ја започнал и пред 2015 година, ќе продолжи и следните години. Оценуваат дека според стратегијата на Пентагон, Русија е еден од главните американски противнции, и поради тоа секоја година американското министерство за одбрана издвојува сѐ повеќе средства за изведување вакви летови.