На локалните избори кои ќе се одржат оваа година, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со сериозна програма.
Во интервју за КУРИР, Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, открива дека се подготвува обемна програма со која ќе ја побараат довербата и од скопјани.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе има сериозна програма која што ќе го реши најпрво проблемот со загадувањето, ние не ветуваме дека ќе го снема загадувањето во Скопје, но имаме концепт за да се намали процентот на загадување. Имаме идеи и за автобускиот превоз, односно јавниот транспорт во Скопје и за многу делови од интересите на скопјани, рече тој.
Нелоски вели дека програмата ќе ја прават според потребите на граѓаните и затоа не прецизира детали за проектите кои ќе им ги понудат на скопјани. На локалните избори очекува победа на ВМРО-ДПМНЕ.
За актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, вели дека на граѓаните им даде ветување за проекти кои не се реализирани.
-Прашање е дали Петре во 2017-та година излезе свесно и ги излажа скопјани или пак не беше информиран за дел од проектите дека на еден начин не можат да бидат реализирани. Сметам дека Петре е доволно паметен и знаеше дека во 2017-та ги лаже скопјани, дека не може да направи мост до Ѓорче поради бунарите на Водовод, дека проблем за спуштената раскрсница кај Мавровка ќе биде плоштадот Скендербег, но излезе и ги вети тие работи и ние после 4-годишен мандат немаме ништо видливо. Токму затоа изминатиов период го гледаме градскиот татко како се обидува да постави теза дека работата на градоначалниците не треба да се мери според тоа што е видливо и дека капиталните проекти не требало да се врзуваат со мандати. Се поставува прашањето, во најавената втора трка на Петре за градоначалник дали ќе ветува проекти?Дали ќе им каже на скопјани дека тоа што го вети нема да биде за 4-годишен мандат? Дали тие проекти во неговата програма ќе се лага и измама како што беше тоа во 2017-та? Скопјани секојдневно го гледаат немањето интерес од страна на администрацијата во Град Скопје, но и во самите општини за подобрувањето на секојдневието и поедноставувањето на животот на граѓаните, истакна Нелоски.
Со Нелоски разговаравме за повеќе теми, а целото интервју со него можете да го погледнете во продолжение: