Таткото на модерната Јужна Африка, човекот кој беше и ќе остане симбол за борбата за човековите права и слободи почина синоќа на 95 годишна возраст.
Неговата порака на помирување, а не одмазда, го инспирираше светот, откако тој преговараше за мирен крај на сегрегацијата и и’ прости на „белата влада“ која го смести зад решетки.
„Како што тргнав низ вратата кон портата која ме носеше до мојата слобода, знаев дека ако јас не ја напуштам мојата горчина и омраза зад себе, јас се уште ќе бидам во затвор”, рече Мандела, откако беше ослободен во 1990 година.
Тој пред неколку месеци беше хоспитализиран на одделението за интензивна нега во болницата во Преторија, каде се лекуваше од тешко воспалување на белите дробови.
Иако ретко се појавуваше во јавноста, поради годините и кревкото здравје, Мандела секогаш беше во мислите на својот народ.
„Нашата нација го изгуби најдобриот син. Нашиот народ изгуби татко“, рече доцна синоќа јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума кога ја соопшти веста за смртта на Мандела.
„Она што го правеше Нелсон Мандела толку голем е токму она што го правеше човек. Ние во него го гледавме она што го баравме во себе“, изјавил Зума. „Сограѓани Јужноафриканци, Нелсон Мандела нѐ здружи и сега треба заедно за му кажеме збогум“.
Херој на црните и белите
Мандела беше националната совест која ги излечи раните од аперхејтот.
Во 1961 Мандела станал лидер на вооруженото крило на АНК. Ја координирал кампањата на саботажи против воени, владини и цивилни цели и правеше планови за можна герилска војна ако не се успее да му се стави крај на апартхејдот преку саботажите.
На 5 август 1962 бил уапсен и осуден на пет години затвор. По две години, при судскиот процес против многу истакнати водачи на АНК, при што речиси сите, а вклучително и Мандела, биле осудени на доживотен затвор.
Во годините што следеле, неговото затворање предизвикувало многу меѓународни осуди до апартхејдската влада во Јужна Африка, а неговиот углед постојано растел. Меѓу другото, во 1988 ја добил Сахаровата награда за слобода на говорот.
Поради големиот меѓународен притисок, владата во февруари 1985 му понудила на Мандела пуштање на слобода ако се откаже од вооружената борба, што тој го отфрлил.
На крајот, на 11 февруари 1990 претседателот на Јужна Африка, Фредерик де Клерк, наредил негово ослободување и тргање на забраната за делување на АНК. Во 1993, Мандела и Де Клерк заедно ја добиле Нобеловата награда за мир.
Во 1994 Мандела бил избран за прв црнечки претседател на Јужна Африка. Де Клерк бил назначен за заменик-претседател во Владата на национално единство. Мандела останал на чело на државата до 1999, по што станал претставник на многу организации за заштита на човековите права.
Од иден поглаватар на племето до светска икона за слобода
Нелсон Ролилала Мандела е роден на 18 јули 1918 година во едно село во близина на Умтата, Транскај. Тој е роден во кралското семејство на племето Тембу. Неговиот татко, Хенри Мандела како заменик на поглаварот бил член на советот на Транскај и претседател на собранието на највисокото поглаварство на Тембу. По смртта на неговиот татко, тој бил земен под заштита на поглаварот на Тембу, негов вујко, кој всушност го одредил него за следен поглавар. Сепак, воодушевен од судските процеси во племето кај него израсна желбата да стане адвокат.
Приказните на постарите членови во племињата за војните, во кои ја одбраниле својата татковина, го поттикнаа да сонува за тоа и тој да го даде својот придонес во борбата за слобода на својот народ.
Го посетувал Clarkebury Training College и ја подготвувал својата матура во методистички воденото средно училиште во Хелдтаун. Кратко потоа Мандела дошол во Fort Hare College во Алис, во Источната Кап-провинција, каде како студентски водач бил избркан од колеџот бидејќи организирал бојкот на предавањата. Во 1940 доаѓа во Јоханесбург, каде го завршува колеџот преку курсеви и започнал правни студии.
Мандела засекогаш ќе остане запаметен како човекот кој го победи расизмот во Јужна Африка и им вети „подобро утро“ на своите сонародници. Со неговата добрина, пожртвуваност и храброст тој ја освои почитта од сиот свет.