Нема да се стопираат вработувањата заради изборите

Потребите за вработување ги дефинираат институциите, а не Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Нема да се стопираат вработувањата заради изборите, бидејќи институциите имаат потреби. Тоа е жива материја, луѓе си одат и луѓе доаѓаат, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

– Огласите не ги распишува Министерството. Ние немаме евиденција кому што му треба. Затоа има раководители на институции. Не сме запознати колку огласи се објавени за примање нови вработени во јавната администрација, бидејќи тоа не е надлежност на МИОА, туку на Агенцијата за администрација, рече Манчевски во одговор на прашање на денешната прес-конференција по повод Годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација на тема: „Дигитална трансформација: Реформа на јавната администрација за дигиталната ера“.

Нешто што нема врска со изборите, посочи тој, се случува на крајот на секоја година согласно функционирањето на кој било Буџет.

– На крајот на секоја година се прекинуваат договорите на определено и доколку има потреба институциите повторно распишуваат огласи во новата година за нови договори на определено. Ова е нешто што се случува секоја година без разлика дали има избори или не, туку едноставно на 31 декаември така функционира Буџетот. Затоа секоја година после Нова година имаме зголемен број на распишани огласи за договори на одредно време. Тоа ќе се случува и годинава, а се случувало и секоја година наназад, појасни Манчевски.

Тој прецизира дека се уште не е готов проектот за префрлање кадар од јавниот во приватниот сектор со кој треба да се детектира што е вишок на работни места, за што се во тек анализите.

– Овој проект не е готов, но тоа апсолутно не значи дека во моментов институциите немаат потреба од нови вработувања. Има голем број на кадри кои недостасуваат во јавната администрација што не го претставува целиот јавен сектор. Во јавната администрација и централните институции недостига кадар, а во јавниот сектор севкупно имаме превработеност. Анализите кои треба да ги почекаме ќе кажат каде има превработеност. Сите треба да го поддржиме овој проект или да дадеме алтернативен кој сум подготвен да го прифатам, рече Манчевски.

Кога ќе бидат готови анализите, додаде министерот, ќе бидат претставени во транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени и синдикатите и стопанските комори.