Нема големи критики во САД на Индија поради Русија, вели Моди

Во Соединетите држави не се општоприфатени критиките на ставовите на Индиjа за улогата на Русија во однос на Украина, вели индискиот премиер Нарендра Моди.

Запрашан во интервјуто за американскиот дневен весник The Wall Street Journal за критичките коментари во САД дека Индија не зазема поостар став кон руската инвазија во Украина, Моди одговара „Не мислам дека таа перцепција е општоприфатена во САД“.

„Позицијата на Индија е многу добро позната и ја разбира целиот свет. Светот верува дека мирот е главен индиски приоритет“, додава Моди.

Индискиот премиер во вторникот ја започна својата официјална посета на САД, за којa во Вашингтон очекуваат да биде пресвртница во билатералните односи со Њу Делхи, со фокус врз јакнењето на соработката во сферата на одбраната и високата технологија.

Вашингтон има намера повторно да изврши притисок врз Моди да ги откаже аранжманите за речиси целосно снабдување со оружје од Русија, како и неколкукратно зголеменото купување на руски енергенси, истовремено осудувајќи на Москва за инвазијата во соседната земја, што досега Њу Делхи одбива да го стори. Истовремено, САД ја гледаат Индија како силен антипод во ткн Индо-Пацифички регион на нивниот геостратешки ривал Кина.

Американските медиуми во пресрет на посетата на Моди потсетуваат дека Њу Делхи упорно одбива да ја осуди својата стара сојузничка Русија поради војната во Украина и дека трговската размена со Москва ја кренал на рекордно ниво, најмногу благодарејќи на увозот на руската нафта. Но, некои медиумски извештаи посочуваат дека руската нафта преку индиските трговски компании во големи количества завршува на западните пазари кои воведоа санкции за рускиот енергенс и ја лимитираа неговата цена.

Американскиот претседател Џо Бајден не крие дека сака значително да ги зајакне врските со Индија, во рамките на напорите да победи во она што тој го нарекува „судир на слободните и на автократските општества“, алудирајќи во прв ред на Кина.

Моди, пак, се забележува во воведот на споменатото интервју, повикува на реформа на светските институции, како на пример на Обединетите нации, за тие повеќе да одговараат на „мултиполарниот светски поредок“, израз за глобалните меѓународни односи кој сѐ почесто го потенцираат Пекинг и Москва, и во поголема мера би ги претставувале посиромашните земји.

Индија, исто така, сака да стане постојана членка на Советот за безбедност при ОН, покрај САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, кои имаат и право на вето.

„Светот би требало да се запраша дали сака Индија да биде таму“, вели Моди.