„Нема горделив, а сиромашен“

Пред пар тисуча година некој од светите отци го кажал, а некој паметен го запишал во бибилијата. Да, оттаму потекнува оваа мудрост. Не е ни народна, ни национална, малку појќе од „Онаму“ ќе да е.

Откако почна да бледее мојата желба да останам диџеј, па станам виџеј, се’ повеќе ги перцепирав партиските заложби кој за што и кон што се залага во оваа земја и за оваа земја. Никогаш, ама никогаш немаше ниту еден политичар и партија кој освен заложба за НАТО и ЕУ спомнал ама било што друго. Унисоно, униформно, тоа беше, а народот никогаш ама баш никогаш не се бунеше против… ма, напротив. Сите сиромашни, ко што сме и денес, утепани и на раб на егзистенција, едвај чекаме некој да не освежи финансиски оти се покажавме дека како народ немаме шлиф да направиме некаков економски бум. Поединци, секако, но тоа е минорно наспрам националните стратегии коги воведоа други нации. Да, би можеле, со фанатизам, со работење 24 часа, без бунење за социлајни права… ама во земја каде сакаме ние да си дремеме по кафани, да се упикаме у јавен сектор и да сме тотално неодговорни дали добро или лошо стопанисува фирмата, институцијата, само плата каква и да е да е редовна. Не, не сме ние спремни за такви жртви. Во земја каде социјалната помош и просечната плата се толку блиску им се чудам на умот на моите деца што за исти пари кршат нозе од сабајле до вечер да заработат во приватен сектор.

Затоа влез во НАТО кај нас треба да се гледа како економски фактор, не може ни Кептн Америка да те брани сосе сите Авенџери ако ние не сме спремни да браниме. А, за такво нешто потребно е да се праша што ќе браниме? Калдрма или луѓе? Криминал или некакви виши општествени вредности? Која е мотивацијата? Повторно воведување социјалистичко самоуправување? Повторно да земаш плата и ич уво да не ти чуе дали имало или немало пари, дали добро работиш и ти и фирмата?

Во НАТО моравме да влеземе, и не говорам овде дали сакавме и како сакавме, едноставно МОРАВМЕ, по секоја цена. Партиите и политичарите кои ги гласате со децении за да се вработите преку нив ја завршија за вас, а вие со своето молчење и гласање им дадовте за право. Е, па некој бил спремен да го направи тој понижувачки потег по секоја цена давајќи не’ сите нас под цена, ма за џабе. Камо да има бекспејс на целава работа, ама да беше така ќе се поништеше и букурешкиот договор, ама како што гледам, ни запирка не му фали.

Да бевме силни, јаки, да создадовме држава каде поединецот ќе беше појак и побогат одошто било кој во јавен сектор, други приказни ќе се вртеа. Сега, во земја каде сѐ уште се чека партизаните да дојдат да ги уапсат вмровците како националисти, па да стават партизани на нивно место… чекај, па нели и се случи тоа? … ПОВТОРНО истото како после 45-та?

Народе, глејте да опстанете, толку ви беше силата, не плукајте и клните по други, сами сме виновни за се’. Имате историска и цивилизациска шанса да опстанете ама појаки од било кога, со многудетни семејства, со фанатизам да се заработи многу повеќе на било кој начин и било како. Бидете итри, а не расплакани. Јас знам кој сум и што сум, никој не може тоа да ми го одземе, но ова што сме во НАТО да го искористам на најдобар можен начин во лична корист пред се’, најсебична и најлична. Да заработам и создадам семејство кое ќе има зошто да остане тука, да работи тука, да живее убаво тука. Не сакам на децата да им мине животот во кукање и сонување да се оди надвор. Кога еднаш си заминеш одовде, готово е, твојот празен простор ќе го пополни друг. Затоа станете светски прваци, нобеловци, мултмилионери, не секој ќе успее ама самиот обид вреди. За кукумавчење и плачипичкаерење да имаше првенство ќе бевме први. Затоа сори, партиите и политичарите по кои толку плукате се во право.

Зошто?

Затоа што се одраз и слика и прилика на она што сте и вие самите. Ваша слика во огледало. На себе се лутите? Ако, да, добро е. Сега направи промена, исто како во екологијата, пред да го исчистиш светот, исчисти дома. Така и за ова, пред да ја спасуваш Македонија, спаси се себе, своето семејство создај силен темел и основа кое ќе биде силата на се’ во иднина. Јас друг пат не знам а ако мислите дека има, „welcome, prove me wrong“ само не прозивајте кој што треба да направи. Направи сам – револуцијата е индивидуален чин, те следел некој или остануваш сам, само избриши мрсулите, исправи се и фати се за работа.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес