Нема отстапување од реформите, тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на граѓаните

И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет, а тоа е борбата против корупцијата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас.

Евроамбасадорот Рокас, кој му го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија во изминатава година, рече дека е важно што во него не се нотирани уназадувања.

Премиерот Мицкоски рече дека документот се однесува за периодот септември 2023 до септември 2024 година и во него се опфатени три влади, една политичка, една техничка и влада која беше избрана на 23 јуни оваа година. Тој оцени дека со извештајот добиле квантификација и реална слика за состојбите.

– Со извештајот добиваме објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен, односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од европското законодавство и стандарди. Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската Комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај – рече Мицкоски.

Како и претходните години, додаде тој, најголемите слабости повторно се однесуваат на кластерот 1 – темели, односно на деловите поврзани со правосудството и реформа на јавната администрација.

– Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Нè очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние каде проблемите и слабостите на системот се најголеми – рече премиерот.

Мицкоски посочи дека за тоа е потребен ангажман од сите нивоа на власт – извршната, но и законодавната и судската, како и од администрацијата и од останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница итн.

– Нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на нашите граѓани и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ. Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации – рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде и дека граѓаните се уморни од целиот процес и дека неоправдано сме во чекалницата, но, како што посочи, единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во ЕУ.

На новинарско прашање во врска со уставните измени кои се посочени во извештајот, Мицкоски одговори „кога ќе има каков било прогрес ќе бидете информирани“.

Евроамбасадорот Рокас рече дека извешјајот доаѓа во добар момент, една недела по усвојувањето на реформската агенда од страна на ЕК, која од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен при посетата во Скопје беше оценета како одлична.

– Сега имаме целосна слика за она што Владата го има одобрено и го имаме Извештајот за напредок. Ова може да биде платформа на која ќе работиме заедно следната година. Премиерот имаше точни упатувања дека извештајот опфаќа период со три влади, дека има ограничен напредок во одредени области, но важно е дека нема уназадување. Заедно ќе работиме посветено рака под рака, за догодина да имаме многу поголем напредок – рече амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.