Истрагата за убиството на Мартин Јанушев тапка во место, а Основното јавно обвинителство осум месеци по убиството не поднело обвинение за убиство против осомничениот Филип Секуловски.
Јавноста со право се прашува зошто институциите до сега не го расветлија убиството и дозволија убиецот да избега, иако уште истата вечер низ медиумите се пренесе информацијата кој го застрелал Јанушев.
Обвинение нема, а на официјалната страница на МВР стои дека против Секуловски има распишано меѓународна потерница, но не е прецизирано за кое кривично дело се бара. Дали потерницата е поради убиството на Јанушев или поради бегство од „ Идризово“ каде беше на издржување затворска казна, а беше пуштен од затворот на слободен викенд, ден пред убиството по што му се губи трагата.
Граѓаните велат „Нема правда, нема мир“ и потсетуваат на случајот со Мартин Нешковски, кој беше убиен на 6 јуни 2011 година од полицискиот специјалец Игор Спасов, кој по два дена беше изведен пред истражниот судија, за да во октомври, истата година, обвинението станува правосилно и по четири месеци, убиецот ја доби заслужната казна.