Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека соработува со Русија и ѝ верува исто како што има доверба во Западот.
„Немам причина да не ѝ верувам на Русија. Како што му верувам на Западот, така и на Русија ѝ верувам. Во изминатите 50 години стоиме на прагот на Европската унија и во моментов ѝ верувам на Русија не помалку од Западот“, рече турскиот лидер во интервјуто емитувано од американската телевизија PBS.
„Половина од моите испораки на природен гас доаѓаат од Русија, што е знак на нашата солидарност. Ние правиме заеднички чекори напред и соработуваме и во одбранбената индустрија. Сето тоа можеме да го направиме заедно со Русија“, додаде турскиот претседател.
Според него, Анкара и земјите-членки на ЕУ имаат различни позиции за Русија.
„Русија е еден од моите најблиски соседи. И ние имаме заедничка историја“, истакна Ердоган. Тој смета и дека конфликтот во Украина „ќе продолжи уште долго“. Како што рече, Турција се надева дека „тоа ќе заврши што е можно поскоро“.
Ердоган, исто така, истакна дека Москва „навистина се придржува до ставот за што побрз можен крај“ на овој конфликт.