Нема повеќе плаќање придонеси за хонорарци

Нема повеќе плаќање придонеси за хонорарци. Од денес стапуваат на сила законските измени со кои се овозможува укинување на плаќањето придонеси за здравствено и пензиско осигурување за хонорарци.

Измените во Собранието беа донесени по скратена постапка, а според нив лицата кои оствариле приходи по основ на извршена физичка или интелектуална работа од договор за дело или авторски договор или друг вид договор нема да плаќаат придонес за пензиско и здравствено осигурување.

На владина седница одлучено да се укине плаќањето придонеси за хонорарци

За ова по донесувањето на одлуката на владината седница, информираше министерот за финанции и вицепремиер во Владата Зоран Ставрески.

Оваа мерка и измиените во законот кои што беа предвидени се во функција на овозможување на лицата кои што се на договори на дело, авторски договори и други слични типови на договори да може да плаќаат придонеси со тоа да ги имаат решено прашањата на користење на здравствените услуги, исто така со уплатата на придонесите да имаат можност да користат пензија и да им се зголеми нивото на пензијата, објасни денеска министерот за финанси Зоран Ставрески.

Тој појасни дека плаќањето придонеси за хонорарци се укинува од причина што со други мерки на Владата на Република Македонија се исцрпеа ефектите кои што беше предвидено да се постигнат.

Во последниот период  се реализира проектот „Македонија вработува“ , каде што имаме мерка која што овозможува ослободување во период од 1-5 години од плаќањето на придонеси на лица кои што ќе бидат вработени во приватниот сектор. Со тоа практично околу 4.000 лица во Република Македонија веќе се имаат стекнато со редовен работен однос и за истите се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување, додаде Ставрески.

Како што посочи, другиот закон со кој што реши добар дел од проблемот на лицата кои што порано беа ангажирани на договор на дело и авторски договори е од сегментот на трансформација на на работниот однос во рамките на јавниот сектор.

Со тоа лицата кои што долги години биле ангажирани на договори на дело и слични типови на договор работниот однос им се трансформираше во редовен работен однос, посочи тој.

Според Ставрески, со ова решение Владата излегува и во пресрет на барањата кои во јавноста беа изразени бидејќи, како што рече, намерата била да им се помогне во делот на регулирање на правата од работен однос и исто така да се овозможи сите лица да имаат рамноправен статус, а сепак во јавноста се создаде слика дека постојат други причини поради кои се прави како полнење на буџетот.

Со оваа мерка со укинувањето на придонесите докажуваме дека тоа не беше случај бидејќи од друга страна на начинот како фунцкионираше тоа приходите не беа толку значајни за буџетот. Сакам да кажам дека се работи за износ на средства кои на годишно ниво се околу 220 до 250 милиони денари што покажува дека немаше никаква намера и дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку целта е едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор и немаат никакви уплати на придонеси во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и според тоа ги немаат тие права што ги нудат уплатите на придонесите, рече Ставрески.

 

 

Укинувањето на плаќањето придонеси за хонорарци  поздравено и од ССМ