Нема да има пролонгирање на роковите за завршните сметки, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тоа, како што истакна на прес-конференција, е одлучено по направените меѓуинституционални консултации кои упатиле на заклучокот дека сметководителите не биле толку погодени од пандемијата.
– Веќе направиме консултации во рамки на институциите и како Министерство за економија, заедно со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар одлучивме да нема пролонгирање на роковите за завршните сметки. Мислиме дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата – истакна Бектеши.
Претходно, пред Министерството за економија, Александра Андреева од Управниот одбор на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори соопшти дека речиси 50 отсто од сметководителите биле болни од ковид-19 од почетокот на пандемијата и побара рокот за доставувањето на годишните извештаи и завршните сметки да се пролонгира до 31 март.